АктуелноЛокално

Изложбата „(Ре)откружено“ во Културен Центар Магаза во Битола

Вечерва (20.10.2023 год) во КЦ Магаза ќе се отвори изложбата со наслов „(РЕ)ОТКРУЖЕНО“, на уметниците Александар Симоновиќ, Марина Цветановска-Мартиновска и Мирослава Цветковиќ.

„(Ре)откружено“ директно произлегува од  претходниот ликовен проект на авторите „О(т)кружено“, кој е разрешуван во геометризирани и отворени композиции (во форма на квадрат, замислена кружница, права линија итн.). Истите беа составени од повеќе модуларни елементи (ликовни дела), организирани во самиот простор на галеријата, на под или ѕид, во алтернативен ритам кој визуелно сугерираше непрекинатост и можност за бескрајно продолжување на низата. Токму оваа можност за различното компонирање и систематизирање на делата, во „(Ре)откружено“ генерира нови ликовни солуции, нова поставка, еден вид римејд на композициските решенија. Истите дела од троицата автори, овој пат се реконципирани во шест подни, мрежести композиции, во еден вид полиптих, на кој се надоврзуваат трите круга поставени на ѕид, како три точки кои алудираат на нешто недоречено, нешто што треба да продолжи. На тој начин посакуваната идејна замисла за бескрајно “продолжување на низата“, преку вклучување на нови автори, до следните ликовни реализации останува отворена.

Александар Симоновиќ- Симо е роден во 1972 година во Куманово. Дипломирал 1996 г. на Факултетот за ликовни уметности – насока сликарство со графички дизајн,  во Скопје, во класата на проф. Танас Луловски. Член е на ДЛУМ од 1996 г.

Марина Цветановска Мартиновска е родена 1977 година во Куманово. Дипломирала 2000 год. на педагошки оддел, насока вајарство со сценографија во класата на проф. Станко Павлески на ФЛУ, Скопје. Во 2005 завршува постдипломски студии по вајарство на ФЛУ под менторство на проф. Станко Павлески. Член на ДЛУМ од 2000 год. Вработена како ликовен педагог во ОУ “Браќа Миладиновци” Куманово од 2001 година.

Мирослава Цветковиќ е родена во 1973 година во Куманово. Дипломирала 1998 година на Факултетот за ликовни уметности (оддел Графика, насока графички дизајн) во Скопје, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Член на ДЛУМ од 1998. год. Реализирала резиденцијален престој во Cité Internationale des Arts во Париз во студиото на Македонија, септември/октомври 2002 г.

Изложбата ќе биде поставена до 02.11.2023год.