АктуелноИнтернационално

Левица: Етничкото чистење и геноцидот врз палестинците не смеат да се премолчуваат

  • Реакција на Левица – Сектор надворешна политика

Веќе со денови сведочиме на несразмерна воена акција од Израел, која ја поддржаа голем број влади на земји од Колективниот запад вклучувајќи ја и македонската Влада, а чија последица е ново етничко чистење и геноцид врз палестинскиот народ. За само неколку дена, воените сили на Израел убија неколку илјади невини Палестинци цивилно население, вклучувајќи жени и деца, додека се спроведува процес на масовно иселување на Палестинците, кои беа оставени без елементарни услови и вода, веднаш по нападот.

Децениската опресија врз Палестинците, непочитувањето на одлуките донесени од Организацијата на Обединетите Нации и Советот за Безбедност и постојаното газење на основните човекови права, резултираше со напад на Хамас врз Израел, после кој сведочиме на однос од страна на израелските воени сили, спротивен на меѓународното воено и хуманитарно право, надвор од секаква регулатива и еквивалентен на многу дејствија кои се окарактеризирани како воени злосторства.

Оставањето на населението без вода, уништувањето на здравствената инфраструктура и болниците, не дозволувањето помош и пристап на хуманитарните мисии, како и нападите на бегалските конвои цивилно население се спротивни на секаква регулатива и заслужуваат најстрога осуда, без разлика која и страна да ги прави.

Сеќавајќи се на воените злосторства во кои беа убивани невини луѓе од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна и не заборавајќи го егзодусот низ кој поминаа Македонците од Егејска Македонија, ние сме држава која не смее да премолчи ниту еден егзодус или етничко чистење. Заземањето страна во овој конфликт од страна на Владата, не може да се протолкува поинаку, освен поддршка на режим кој врши во етничко чистење и геноцид.

Затоа, Левица изразува солидарност со палестинскиот народ, но и со сите невини и цивилни жртви од двете страни како резултат на нападите и последица на неразумното користење прекумерена воена сила од страна на Израел во конфликтот со Хамас.

Од страна на нашите пратеници ќе биде поднесено Декларација во Собранието на Република Македонија, и претставувајќи го мислењето на огромен дел од македонскиот народ, побараме од Собранието да заземе поинаков став од оној на Владата, кој инспириран од западноцентристичките политики, поддржува очигледни воени злосторства.