Израелската војска користи фосфорни бомби, но сега Западот молчи (видео)
Израелските окупациони сили користат муниција со бел фосфор во густо населени области во Газа, објави палестинското Министерство за надворешни работи во објава на социјалните мрежи. Исто така, објави видео на кое се прикажани последиците од употребата на ова запаливо оружје. Ова резултираше со стотици случаи на задушување, соопштија палестински медицински извори, пренесува Anadolu.
За разлика од конфликтот во Украина каде излегоа видео снимки за користење на ова оружје од страна на Русија во борбите за Бахмут каде немаше цивилно население, и Западот бурно реагираше, сега е молк.
„Израелската окупација користи меѓународно забранети бомби со бел фосфор против Палестинците во населбата Карама во северниот дел на Газа“, тврди Министерството.
Муницијата од бел фосфор не е забранета според меѓународното право, но нивната употреба е строго регулирана. Оваа муниција не треба да се користи во густо населени области, поради заканата што ја претставуваат за цивилите, според Конвенцијата на ОН за одредени конвенционални оружја од 1980 година.
Белиот фосфор се пали преку контакт со воздухот поради неговата интеракција со кислородот. Гори на температура помеѓу 800C и 2.500C. Сличен е на восок, лесно се лепи на различни површини, вклучувајќи облека и кожа, и е исклучително тешко да се избрише или изгасне. Познато е дека предизвикува длабоки изгореници што одат до коска, додека остатоците од супстанцијата што ќе навлезе во човечкото ткиво потенцијално може повторно да се запали по првичниот третман кога повторно ќе стапи во контакт со воздухот.
Ова не и е прв пат на израелската војска. Во 2006 година, израелската влада призна дека го користела ова оружје за време на нејзината повеќемесечна војна со либанската група Хезболах. Израел тогаш инсистираше на тоа дека ја користел муницијата во согласност со меѓународното право, и покрај бројните медиумски извештаи дека тие биле истрелани особено во области со цивилно население.
Во 2009 година, Израел повторно призна дека користел „муниција што содржи бел фосфор“ за време на офанзивата во Газа помеѓу декември 2008 и јануари 2009 година.
Претходно, војската беше силно критикувана од Хјуман рајтс воч за овие акции, опишани како „доказ за воени злосторства“ од страна на невладината организација. Според медиумите, употребата на оваа муниција довело до делумно запалување на комплекс на ОН во Газа, откако дошол во контакт со запаливата супстанција во тоа време.
Колку израелските сили се безмилосни во бомбардирањето говори и веста за убивањето на најмалку 11 вработени кои работат со Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации (UNRWA) во воздушните напади во Газа, пренесува Си-Ен-Ен.
Министерството за надворешни работи на палестинските власти предупреди на ризикот од „геноцид“ за време на израелската одмазда против Хамас.
Газа, која е под контрола на Хамас, е отсечена од напојување со струја и вода, и е подложена на интензивно бомбардирање од првичниот упад. Сликите од територијата покажуваат повеќе згради срамнети со земја од израелските воздушни напади.
Израелските сили наскоро ќе започнат копнена операција во Газа, за ова премиерот Бенјамин Нетанјаху го информирал американскиот претседател Џо Бајден за оваа намера.