[Видео] Приведени браќата „Пука козметика” на синоќешниот протест
Видео на кое се гледа како полиција го приведува раперот Жарко Масларковски од дуото „Пука козметика“ на протестот пред македонското Собрание, синоќа беше објавено на Фејсбук од неговиот брат Дарко.
Како што може да се види на снимката, приведувањето се случило додека Дарко имал обраќање во живо и покажува како најпрвин неговиот брат е легнат на улицата пред Собранието и потоа со лисици на рацете е внесен во комбе. На снимката може да се слушне и дека тој обвинува еден од полицајците дека го удрил.
Иако тука видеото прекинува, од соопштението на Министерството за внатрешни работи може да се заклучи дека покрај Жарко бил приведен и Дарко Масларковски.
„На 11.01.2019 година околу 21,20 часот на улицата “Димитрие Чуповски“ во близина на Порта Македонија, едно непознато лице физички нападнало полициски службеник. Лицето било приведено, но пред да биде внесено во службено возило дошло друго лице, кое исто така физички нападнало полициски службеник. Двете лица се приведени во Полициската станица Центар и било утврдено дека станува збор за Д.М.(35) и Ж.М.(35) од Скопје. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопштија од МВР.
Извор: РадиоМОФ