АктуелноИнтернационално

Глинена плочка со клинесто писмо стара 3.800 години откриена во јужна Турција

Археолозите открија глинена плочка стара 3.800 години во јужна Турција за време на реставраторските работи по големите земјотреси во регионот претходно оваа година.

Мурат Акар, професор по археологија на Универзитетот Хатај Мустафа Кемал, изјави дека 25-члениот тим ја пронашол глинената плоча со клинесто писмо на акадски јазик во речиси 4.000 години стар тумул Акана во јужната провинција Хатај.

Двојните земјотреси со центарот на Кахраманмарас на 6 февруари, кои предизвикаа големи разурнувања во Хатај, го погодија и историскиот локалитет, за кој беше утврдено дека е локацијата на Алалах, главниот град на Кралството Мукиш во периодот на средното и доцното бронзено време.

Започнаа работите за реставрација и заштита со раководството на турското Министерство за култура и туризам за да се санираат оштетувањата на некои делови од урнатините на ѕидовите на палатата, рече Акар.

Како дел од студијата, тимот што ги отстрани урнатините од ѕидовите пронашол глинена плоча меѓу урнатините.

Првото испитување на плочата на акадски јазик откри информации кои содржат договор склучен од Јарим-Лим, првиот познат крал на Алалах, за купување на друг град.

Акар рече дека глинената плочка не е оштетена и дека откритието е „толку возбудливо“.

„Тоа ни докажува дека тие кралеви имале економска моќ и потенцијал да купат друг град во тоа време.

„На плочката, најверојатно, го има и името на важните луѓе од градот кои биле сведоци на оваа продажба“, додаде тој.

„Овој наод излезе како исклучително уникатен пример, особено за дешифрирање на економската структура од тој период, односот меѓу градовите, економскиот и политичкиот модел“, рече Акар.

Глинената плочка по истражувањето ќе биде пренесена во музеј, изјави раководителот на тимот за реставрација.