Ќулавкова: Секој став за македонскиот јазик надвор од науката го загрозува македонскиот национален и државен интерес
- Објава на Катица Ќулавкова, книжевен теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач, академик – редовен член на МАНУ.
Точно пред една година (на 20 јули 2022), на предлог на членовите на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ, беше објавен ставот на македонските научници за македонскиот јазик, неговите дијалекти кои денес се простираат и надвор од границите на македонската држава, а во минатото се простирале во регионот познат како етногеографска и етнојазична Македонија, сеедно во чија империја или федерација припаѓале во повеќевековното минато.
Секој став спротивен на овој научно заснован и во славистиката, односно во науката за јазикот усвоен став, има чисто политичка интонација и го загрозува македонскиот национален и државен интерес. Секое негирање на постоењето просторен и временски континуитет на македонскиот народ и македонскиот јазик е македонофобично. Ако таквото оспорување доаѓа од редот на претстаниците на македонската држава, тогаш официјалните органи на државата треба да се оградат од истото и итно да преземат соодветни мерки. Тука нема компромис. Да се оспоруваат македонските дијалекти и македонското малцинство надвор од границите на македонската современа држава е нелегитимен чин, опасна позиција која ќе ѝ нанесе неповратна штета на македонската нација.
Тајмингот во којшто се промовираат ненаучни и политички крајно проблематични ставови против македонскиот јазик, имплицитно и против македонската нација. Имено, само призната нација има свое малцинство и свои дијалекти вон актуелните државни граници. Кој допушта во Македонија да се негира интегритетот и историскиот континуитет на Македонците и на македонскиот јазик? Зарем тоа не е политички говор на омраза? Автодеструктивност? Кому му одговара тоа? Чиј интерес штити македонската политичка елита?Еве ја Декларацијата на македонистите од 20.07.2022:
„Ние, научните работници од МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Македонскиот славистички комитет, Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при УГД – Штип, по повод објавената Унилатерална изјава на РС Македонија од 19.7.2022 во врска со македонскиот јазик, ги посочуваме клучните позиции на високообразовните и научните институции за македонскиот јазик.
1. Првенствено се повикуваме на Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции на Собранието на РС Македонија, објавена во Службен весник на РМ бр: 173/2021 од 30.7.2021 (влегува во сила на: 29.7.2021), оформена според Македонскиот манифест на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ од 3.12.2020, во која во точка 3 е посочено дека треба: „Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет; – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.“Според ова, посочувањето на временскиот и на културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти, така што наведеното во Унилатералната изјава дека: „Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна РС Македонија“, претставува грубо фалсификување на лингвистичките факти и на проучувањата на македонскиот јазик.
2. Старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство се суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на македонскиот народ. Тој го црпи својот културно-историски и национален континуитет од богатата црковнословенска, апокрифна, народна и книжевно-уметничка традиција која се развивала на етно-географските простори на Македонија.
Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој многувековен просторен и временски континуитет во составот на големата група словенски јазици, со посебно место во рамки на групата на јужнословенски јазици (источна група). Освен тоа, македонскиот јазик, со оглед на богатите меѓујазични и меѓукултурни контакти со другите балкански јазици, има стекнато и специфична балканска димензија на својата структура.
3. Во лингвистиката се прифатени и научно фундирани фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век, од кога може да се следат бројни иновации, а основните црти на македонските дијалекти се проследуваат на преминот од 13 век кон 14 век.
Од крајот на 15 век заклучно со 18 век во дамаскинарските книжевни текстови навлегуваат и примери од македонските народни говори. Во текот на 19 век во Македонија се јавуваат бројни дејци коишто подробно се занимаваат со посебните јазични особености на македонските говори, во споредба со бугарските и српските говори, како Христо Матов, Партениј Зографски, Е. Спространов, Т. Китанчев и други. Во 1891 год. е формирана Младата македонска книжовна дружина која го печати списанието „Лоза“ во кое се употребуваат правописни правила кои ги истакнуваат јазичните особености на македонските говори. Вистинска артикулација на идејата за македонски литературен јазик е книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“ од 1903 год. во која се изнесени основните критериуми за стандардизација на македонскиот јазик. Преку оваа книга и во списанието „Вардар“, Мисирков ја промовира правописната норма преку фонетската реализација на централните македонски говори. Македонскиот јазик во 1903 год. бил и службен јазик на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петерзбург, на чие чело биле К. Мисирков и Д. Чуповски. Македонскиот јазик и бугарскиот јазик се издигнуваат како јазични норми речиси во исто време, а македонската јазична норма никогаш не била дел на бугарската јазична норма. Македонската јазична норма се диференцира со контрастивната студија на македонските наречја од Партениј Зографски во 1858 и во книгата „За македонцките работи“ (1903) од Крсте Мисирков.
Со прифаќањето на основните Мисиркови поставки за стандардизацијата на македонскиот и нивна разработка се заокружи кодификацијата на македонскиот јазик во 1944 год. и во 1945 год. со донесувањето на решенијата за македонската азбука и за македонскиот правопис. Македонскиот стандарден јазик стана широко прифатен во сите сфери на општествениот живот. 4.
Македонскиот јазик е впишан во Регистарот на земји и јазици од страна на поткомисијата УНГЕГН при ООН;‒ Латиничната транскрипција на македонската кирилица е усвоена со резолуција во Атина во 1977 на Третата конференција на УНГЕГН при ООН; -Во 1992 година, на конгрес во Рио де Жанеиро, Меѓународниот ПЕН-центар донесе посебна резолуција со која се признава македонскиот јазик, литература, култура и нација – Македонскиот јазик е застапен во Европскиот лингвистички атлас (АЛЕ), основан под патронат на УНЕСКО; – Македонскиот јазик е застапен и во Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), проект под покровителство на Меѓународниот комитет на славистите, реализиран од страна на 13 национални академии на науките и/или соодветни институти од сите словенски земји; – Македонскиот јазик е влезен во Меѓународната организација за стандардизација ISO;- Македонскиот јазик е застапен на Google, како алатка за преведување.
Во согласност со наведените факти, се изјаснуваме дека нема да прифатиме ниту една одлука со која се оспорува самобитноста на македонскиот народ и неговиот самостоен историски развој како посебен европски народ од средновековието до денес и ќе го сметаме за нелегитимен секој политички договор кој е во спротивност со востановените научни сознанија за македонскиот јазик и културниот идентитет на домашните и на меѓународните организации, сојузи и институции и со универзалните повелби и конвенции.
Ние, како научни работници, потврдуваме дека, како и досега, и во иднина ќе се раководиме според меѓународно прифатените научни сознанија за македонскиот јазик во историски и во современ контекст. Се повикуваме и на Европската повелба на фундаментални/основни права чиј чл. 22 гласи: „Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разноликост.“ Сметаме дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја членка на ЕУ мора да ја почитува оваа европска определба.“