АктуелноИнтернационалноОгледало

На денешен ден во 1942 година започна Сталинградската битка – Најжестока битка во Втората светска војна

На денешен ден во 1942 година започна Сталинградската битка, најголемата и најжестока битка во Втората светска војна. Офанзивата на југ летото 1942 година беше сосема неочекувана за советското раководство. Постоеше опасност да падне под германска контрола не само Сталинград, туку и целиот јужен дел на земјата.

По тешкиот пораз кај Москва на крајот на 1941 година, Германците беа принудени да ги преиспитаат принципите на војувањето против СССР. Веќе не можеше да се зборува за истовремена офанзива по должината на целиот советско-германски фронт, како што тоа функционираше на почетокот на операцијата „Барбароса“. Требаше да се избере еден приоритетен правец на напад и изборот падна на југ.

Според планот „Сино“ дефиниран од Хитлер на 5 април 1942 година, Вермахтот требаше да се пробие од територијата на источна Украина до најбогатите советски нафтени наоѓалишта на Кавказ (од каде доаѓаше над 70% од нафтата произведена во СССР). Нивното освојување ќе овозможеше буквално да се стопира Црвената армија и целосно да се покријат потребите на германската индустрија, која во тоа време веќе почна да доживува дефицит на оваа суровина.

Походот за нафта не можеше да се реализира без сигурно поставување на крилата на фронтот. Германските сили мораа да излезат на реките Дон и Волга, каде што можеа да формираат силна одбрана. Сталинград во овој одбранбен систем требаше да игра клучна улога. Освен тоа, освојувањето на овој голем индустриски центар и сообраќаен јазол ќе овозможеше целосно да се отсече Кавказот од централните региони на СССР.
Советското раководство немаше информации за тоа каде и кога Германците ќе го изведат следниот напад. „Сталин разгледуваше различни варијанти на непријателските дејствија, но тој сметаше дека во секој случај целта на операциите на Вермахтот и општиот правец на нивната офанзива ќе биде Москва“, тврдеше генералот Семјон Штеменко од Оперативната управа на Генералштабот.

Германската разузнавачка служба на секој начин го поткрепуваше ова уверување, па дури и успешно ја изведе операцијата „Кремљ“, која го дезинформираше раководството на СССР за претстојниот напад.

Ситуацијата на јужното крило на советско-германскиот фронт за Црвената армија стана значително посложена по неуспешниот обид на советските сили да го ослободат Харков во мај 1942 година. Советската армија притоа претрпе големи загуби од 270 илјади мртви, ранети и заробени. Сепак, врховната команда во Москва и понатаму не се решаваше да префрли големи резерви од Западниот фронт на југ. Таа не ја промени својата одлука дури ни кога на 19 јуни силите на ПВО на линијата на фронтот го соборија авионот на началникот на оперативното одделение на германската 23 тенковска дивизија, мајор Јоаким Рајхел, и кога во рацете на советската армија падна дел од планот „Сино“.

На крај, на 28 јуни, по масивни воздушни и артилериски подготовки, германската „армиска група Вајс“ неочекувано за советските сили удри на просторот меѓу двете армии на Брјанскиот фронт и, пробивајќи ја нивната одбрана, се упати кон Стари Оскол и Воронеж. Два дена подоцна, 6-та армија на генералот Фридрих Паулус успешно ги проби позициите на Југозападниот фронт. „Офанзивата се развива сосем задоволително“, истакнува во дневникот началникот на Генералштабот на Копнените сили на Германија Франц Халдер: „Непријателските сили на фронтот се бројно слаби, но на одделни делови се добро распоредени по длабочина“.

Поради неочекуваниот напад на Вермахтот, делумно е изгубена контролата на војската над неколку советски фронтови, прекината е врската со голем број воени формации. Брзото префрлување на резервите на југ што го презеде советската команда беше извршено со задоцнување, што оневозможи да се изврши силен контранапад врз Германците. Тенковските корпуси кои пристигнуваа во областите на борбените дејствија влегуваа во битка поединечно и несинхронизирано. Неефикасноста на овие дејствија доведе до тоа да во еден момент маршалот Семјон Тимошенко биде принуден да издаде наредба „да престанат да ги мелат своите тенкови јурејќи фронтално врз силно утврдените непријателски позиции“.

До 6 јули Германците веќе освоија поголем дел од Воронеж. Битките за градот бараа од нив многу повеќе време и енергија отколку што очекуваа. Упорниот отпор на бранителите го спречи 48-от тенковски корпус навреме да се тргне на југ и да учествува во опсадата на советските сили што се повлекуваа. Затоа непријателот не го освои Воронеж во целост, а Црвената армија на ова место преземаше напади во текот на целата Сталинградска битка.

Две групи армии на Вермахтот напредуваа кон Кавказ и Сталинград, брзо минувајќи стотици километри и изолирајќи десетици илјади советски војници од главнината на нивните сили. Германскиот „блицкриг“ кој повторно заживеа на југот на Советскиот Сојуз го шокираше раководството на земјата.

Конечно, на 28 јули 1942 година, Сталин ја потпиша наредбата бр. 227 „За мерките за зајакнување на дисциплината и редот во Црвената армија и забраната за самоволно напуштање на борбените позиции“, која е позната како наредбата „Ни чекор назад“. Според него, било планирано во војската да се формираат казнени единици за оние кои ја нарушуваат воената дисциплина, како и да се постават „блокадни“ одреди „во непосредна позадина на несигурните дивизии“.

Водејќи тешки одбранбени битки, советската армија се повлекуваше кон реката Дон, која беше многу блиску до Сталинград. „Борците и командантите херојски го расчистуваа патот кон исток, со голем недостиг на леб и муниција“, се сеќава командантот на 28 армија, генерал Дмитриј Рјабишев. „Во непрекинатите повеќедневни борби против надмоќни сили пешадија, тенкови и авијација, единиците на армијата претрпеа многу големи загуби. До брегот на Дон стигнаа целосно исцрпени“.

Во текот на борбите на подрачјето на големиот и малиот свиок на Дон во јули и август 1942 година, 6 армија на Паулус и 4 тенковска армија на Херман Хот го совладаа жестокиот отпор на советските сили и се упатија кон Волга. На почетокот на септември, измачена од постојаните контранапади на Црвената армија, моќната германска формација, иако со значително ослабен жар, стапи во крвави улични борби во Сталинград, во текот на кои Германците мораа да платат висока цена за секој освоен метар. Започна клучната фаза на најважната битка во Втората светска војна.

Силниот советски отпор би бил невозможен без масовното јунаштво на бранителите на Сталинград. Медалот „За одбрана на Сталинград“ го добиле околу 760.000 советски војници. Над 100 војници се наградени со највисокото звање Херој на Советскиот Сојуз кое се дава за исклучителна храброст и пожртвуваност.

Куќата на Павлов, обична трикатница, стана симбол на отпорот на црвеноармејците во Сталинград. Ја бранеа само 24 луѓе, но Германците не успеаја да ја заземат во текот на тримесечната офанзива на градот. Василиј Чујков, еден од командантите на советската војска во Сталинград рекол дека Германците изгубиле повеќе луѓе обидувајќи се да ја заземат Куќата на Павлов одошто за време на заземањето на Париз.

Мамаевиот Курган е брдо кое доминира над градот и исто така е симбол на херојскиот отпор. Таму се водени особено жестоки борби. Оној што го контролира ова брдо, го контролира целиот град. Советските трупи ги бранеа своите позиции на падините на брдото за време на целата офанзива. Десетина илјади советски војници загинаа во борбите за оваа кота. По борбата излезе дека на Мамаевиот Курган има од 500 до 1.250 гелери на квадратен метар.

Успехот на советската контраофанзива која започна кон средината на ноември беше делумно условен од грешките на германската команда. Прва грешка е тоа што Вермахтот го прецени својот потенцијал и што се обиде истовремено да изврши две офанзиви: една на Кавказ со цел да ја заземе азербејџанската нафта, а втората на Сталинград. Така Германците ги разретчија своите сили. Подоцна генерал-мајорот Ханс Дер ќе напише: „Сталинград треба да влезе во историјата како најголема грешка која војсководците некогаш ја направиле, како најголемо можно занемарување на живиот организам на сопствената армија кое некогаш го покажало раководството на една држава“.

Во ноември Германците направија уште една грешка. Во обид за го заземат Сталинград тие ги растегнаа своите позиции на крилата на стотина километри кога видоа дека по нивната офанзива Црвената армија нема доволно ресурси за да даде отпор. Лошата околност за Берлин беше во тоа што тие крила се состоеја од сојузничките единици – Италијанци, Унгарци и Романци, а тие војуваа полошо од Вермахтот. Началникот на Генералштабот на Вермахтот Курт Цајцлер подоцна велеше дека го предупредил Хитлер дека околу Сталинград „постои сериозна опасност која треба да се отстрани“. На тоа Хитлер му одговорил на Цајцлер дека е „очаен песимист“.

Како што истакнал Цајцлер, важно било и тоа што есента 1942 година борбената подготвеност на руските единици била многу поголема, а обученоста на нивните командири многу подобра одошто во 1941 година. Кога советската војска ја собрала целата потребна сила, на Црвената армија ѝ биле потребни само четири дена да ги разбие непријателските редови и да го стегне обрачот околу 300.000 германски војници.