Стрип авторот Владо Николовски учесник на серијалот„Линии на фронтот“
На 28 јуни во големата сала на Студентскиот културен центар во Белград се одржа циклусот изложби и предавања „Стрип и илустрација на „Линии на фронот“ и промоцијата на десеттиот албум.
Во најновата книга од едицијата „Линии на фронот“со свој стрип е застапен и македонскиот автор Владо Николовски.
Се работи за десетта книга од серијалот стрип-антологии на теми од Првата светска војна што, во соработка со Францускиот институт во Белград и Министерството за култура и информирање на Србија, ги издава белградската издавачка куќа „Моро“ ДОО / „Систем комикс“.
„Овој серијал достигна голем критички и комерцијален успех во земјата и регионот, како и во Франција. Културолошката и историската, а и социјалната, уметничката и книжевната вредност на овие стрипови ги поместува границите во денешното технолошко опкружување и ги инспирира читателите да дознаат повеќе преку нивниот образовен карактер“, пишуваат од издавачот по повод излегувањето на публикацијата.
Едицијата „Линии на фронтот“ е започната во 2014 година, по повод одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна. Во досега објавените десет публикации учествувале над 50 истакнати стрип-автори од Србија и од регионот. Покрај Николовски, со свои стрипови во нив биле застапени и македонските автори Александар Стеванов од Штип, Дарко Богданов од Виница, Иво Николов од Скопје и Јован Секулоски од Охрид.