Мигрантската криза во Хондурас и Централна Америка – пропаста на државата на капиталот
Големиот демографски потрес со кој се соочи Европа во 2015 година, потегна низа горливи прашања кои бараат глобален одговор. Сиромаштијата, насилството, климатските промени и практички непостоњето на државен апарат, придонесоа за појавата на бегалскиот бран надојден од земјите од Блискиот Исток. Најголем и најконсеквентен, веднаш по оној од завршувањето на Втората Светска војна.
Денес, неколку години подоцна, мигрантската криза во Централна Америка се наоѓа во фокусот на меѓународната политичка јавност, која игнорантски и со неподнослива леснотија, како главен виновник го посочува ,,природниот тек на работите и историјата’’. Сепак, суштината на нештата е далеку од таква. Историски гледано, народите во Централна Америка имале тенденција да мигрираат, најчесто поради економски причини. Внатрешните граѓански судири во Салвадор, Никарагва и Гватемала, биле повод за повеќе од 2 милиони луѓе, да ги напуштат тие земји, мигрирајќи во Мексико и САД. Моменталната ситуација, особено во Хондурас, не е ниту приближно блиска. ,,Северниот триагoлник’’, регион во Централна Америка кој ги опфаќа трите мали (но исклучително исполнети и базирани врз историјата на насилството) држави, во името на Хондурас, Ел Салвадор и Гватемала, стои пред предизвикот наречен мигрантска, односно бегалска криза, со оглед на тоа дека причините за масовното напуштање на земјите не се исклучиво од економска природа.
,,Централна Америка повеќе не може ова да го поднесе’’ – така Рубен Фигуероа, лидерот на Месоамериканското мигрантско движење, го опишува октомврискиот егзодус на илјадници луѓе од Ел Салвдор, Гватемала и Хондурас. На 12 октомври, 2018 година, група од 160 луѓе тргнува северно од градот Сан Педро Сула (град во светски рамки познат како ,,град на убиствата’’) кон границата која ги дели Мексико и САД. Два дена подоцна, формиран е мигрантски караван кој брои 1600 бегалци. Брзорастечката тенденција ја доживува својата кулминација десеттина дена од почетокот на мигрантската рута. На границата Мексико-Гватемала, караванот што се упатува кон Мексико и САД барајќи подобра иднина, според Обединетите Нации изнесувал 7322. Но, се чини дека подобрата иднина за бегалците од ,,Северниот триаголник’’oстанува само копнеж. Додека мексиканската влада во последните години, а особено во овој момент се наоѓа растргната помеѓу барањата на нејзиниот моќен сосед САД и емпатијата на мексиканскиот народ со бегалците од тие делови на континентот, мигрантската криза во САД претставува политичко прашање преку кое ,,кршат копја’’ приврзаниците на Доналд Трамп и неговата администрација и демократската критична опозиција. Сепак, ставот на САД останува ист и непроменет во однос на мигрантскиот караван. Сите лица кои немаат документи не можат да ја поминат границата на САД. Во спротивно, државата ќе преземе сериозни мерки, испраќајќи војска долж границата и превененирајќи го приливот на луѓе на американско тло.
Пропаста на државата на капиталот – главната причина за мигрантско-хуманитарната криза во Хондурас
Иницијаторот на создавањето на мигрантскиот караван и активист за човекови права Рубен Фигуероа, кој преку социјалните мрежи ги мобилизираше уплашените и незаштитени граѓани на Хондурас, ја презеде улогата на јавно гласило на народите од тоа поднебје, наведувајќи го децениското мешање и надворешно влијание на големите сили, пред се акцентирајќи ги САД, хроничката корупција и систематското и вонсистематското насилство и сиромаштијата, како примарни причинители и фактори кои го втурнале Хондурас во оваа крајно незавидна ситуација, на работ на дефинитивната пропаст. И воопшто не греши. Сан Педро Сула, индустриски град, или барем во минатото се окарактеризирал како таков, е градот кој совршено ја рефлектира политичката состојба во Хондурас, но и генерално ја пресликува состојбата на целиот континент, повеќе или помалку. Град со огромна дефицитарност на работни места, мафијашки пресметки на улиците и највисока стапка на убиства во целиот свет.
Со децении во Хондурас наизменично владејат две политички партии, две страни, на едната олигарска монета. Простор за алтернативна перспектива практично и не постоел. Се до 2006 година, кога на чело на државата застанува Мануел Зелаја (исто така човек од милје слично на неговите претходници, но со идеја за консолидација на државата преку социјалните политики). Земјоделската реформа, зголемувањето на минималната плата и јавното негодување и противење на воените бази на САД низ територијата на Хондурас, биле првите експлицитни скршнувања од дотогашната политичка пракса. Како и да е, ваквата изненадувачка промена ги вознемирува силните соседи и наидува на жестоки реакции, дотолку повеќе што нивните политичко-воени планери не антиципирале ваков развој на настаните. Честите посети на дипломатските булдожери во земјата и луѓето блиски на претседателот Обама (Хилари Клинтон во повеќе наврати и со агресивен тон говорела на тема Зелаја и Хондурас), резултирале со креирање на атмосфера на закани и страв, а кулминацијата се случува кога претседателот Мануел Зелаја во 2009 е киднапиран и однесен во близина на американската воена база ,,Сото Кано’’. Индикативно е тоа што непосредно пред неговото киднапирање, Хилари Клинтон одржува низа состаноци со неговите политички опоненти, во главниот град на земјата.
Од фамозниот државен удар во 2009, поддржан и по старото добро сценарио испланиран од САД, кога претседателот Мануел Зелаја насилно беше симнат од власт, работите за Хондурас дотолку повеќе тргнуваат низ брдо. Раководењето со државата го преземаат десничарско-конзервативните влади со сериозен ,,бизнис бекграунд’’ позади себе, кои тежнеат кон присвојување на националните ресусрси, за лично богатење и врз грбот на обичниот народ. Откако новите владејачки елити ја добија потребната помош од надворешниот фактор, за блокирање на уставните власти и воспоставување своја, недемократска и деструктивна влада, пристигнало времето за возврат, односно ,,легален реципроцитет’’. Преку ноќ, Хондурас станува држава ,,отворена за бизнис’’, a нејзиното законодавство се претвора во најекстремното про-корпоративно законодавство во регионот и светот. А кога државата заборава да ги извршува своите функции и комплетно се подредува на елитите и олигарсите на власт, крајниот продукт не може да е поразличен од било кое филмско дистописко-апокалиптично сценарио. Невработеност, криминал и криминални борби, коруптивност во секоја општествена пора, неефективни закони и правен систем. Додека мигрантите најчесто реферираат на насилството и уличните банди како причина број еден за напуштање на домовите, свесно или несвесно се игнорира и државното систематско насилство како круцијален проблем во приказната.
Правните закони и правната легислатива е заменета со ,,законот на посилниот и оружјето’’. Мета се сите граѓани на Хондурас. Работници, активисти на човекови права, новинари, адвокати, политичката опозиција. Помеѓу 2014 и 2016 година, убиени се 25 новинари. 91 процент од убиства на новинари од 2001 година, се уште не се разјаснети и никој нема понесено кривична одговорност. Најсвежиот пример е убиството на новинарот Карлос Вилијам Флорес, убиен од непознато лице на мотоцикл во движење, близу границата со Гватемала. Токму затоа мигрантската криза не може да се перципира како природен тек на работите. Без разлика на тоа што игнорантската и апологетска јавност и пропаганда, заедно со транзиционите елити, бегајќи од секаков вид на одговорност, сакаат пред очите на светот овој проблем да го банализираат и прикажат на тој начин. Моделот заснован на екстрактивна индустрија и приватизација и концесија на јавни добра и услуги, контрибуираше кон финална деструкција на Хондурас. Систематското насилство, корупција, криминал и непостоењето на правен систем, станува правило, а нивно решавање или превенирање претставува аномалија на системот.
Познавачите на состојбите во Центална Америка, се почесто и се погласно заговараат и имплицираат промена на системот, како решение за континуираната криза. Нивните замисли во целост содвествуваат и со желбите и стремежите на народот. Според нив, неолибералниот капитализам претставува најголемата рак-рана на Хондурас, кој не продуцира ништо друго освен мизерија за обичниот човек, а дополнително богатење за највисокиот слој во општеството. Повеќе од 2/3 од луѓето живеат со три или помалку од три долари на ден. Аналитичарите исто така, сугерираат на национализација и експропријација, враќањето на моќта на државата, односно нејзино очовечување, редиструбуција на моќта и богатството и контрола на националните ресурси. Но пред се, воскреснување на државата во нејзината најопшта и најосновна смисла. Држава чиј минимум ќе се состои во основниот сервис на задоволување на потребите на граѓаните во името на квалитетната јавна политика, законодавството, бесплатниот образовен систем и еднакво и достапно здравство за сите. Само така, сметаат тие, политичките околности во Хондурас би се довеле до некаков минимален баланс и би се санирала, или барем се отвора можност и прилика, скоро непоправливата штета од која Централна Америка и Хондурас допрва ќе се залечуваат.