АктуелноЛокалноСтав

Коцката е фрлена

  • Пишува Златко Стојанов  

Кога на просечниот човек би му се поставило прашањето – Што е тоа што тебе ти носи мака, што те спречува во исполнувањето на твоите желби, многумина би  рекле – Ах тоа се проблемите во државата, високата корупција, партизираното законодавство, константното кршење на работничките права, и безброј други општествени зла.

И секако ова се проблеми кои го засегаат нашето општество и кои заслужуваат детално да се проучат  и  да се решат. Сепак постојат и определени проблеми за кои просечниот човек не размислува, но имаат деструктивна моќ врз нас и човекот од благородно суштество го дегенирааат во нешто навидум животинско.

Проблемот за којшто јас сакам да зборувам е еден кој го разјадува нашето општество, подмолно навлегува во животот на неговите жртви и од нив создава празни лушпи, зомби луѓе изгубени во јамата на своите одлуки.

Зборувам за коцкањето, игрите на среќа и безбројте други забавни игри кои на човекот му даваат надеж дека е можно да се избега од стегите на неговиот мачен живот, доколку тој само успее да ја купи среќната грепка или да се опклади за победничкиот тим. Само уште еднаш да си ја испроба среќата, сега ќе биде неговиот ден, сега ќе започне неговиот вистински живот. До сега се што се случуваше беше само лош сон, денес тој ќе победи и сите негови проблеми ќе исчезнат.

 Ако прашате било кој статистичар или пак било кој што ги познава основите на математиката или дури  студент од прва година економија, сите ќе  го дадат истиот одговор – Куќата мора да победи. За да може играта на среќа да постои, мора да има профит на бизнисот. А тој профит доаѓа од сите – како нашиот сиромав човек кој сета своја надеж ја става во играта на среќа. Тој преку сите пари што ги изгубил го финансира бизнисот, а пак бизнисот одвреме навреме дава дел од својот профит на некој среќен добитник. За еден кој ќе добие, илјадници мора да изгубат, и бизнисот да победи.

И ова е тоа што кладилницата ти продава – надеж. Лажна надеж, но сепак надеж. А човекот кој нема што да изгуби и кој не гледа никакви перспективи надвор од добитвката во казино, ја зграпчува оваа надеж како јаже фрлено на давеник.

Прашањето што сакам да го поставам, и што читателот на оваа статија најверојатно исто така си го поставува е – како може да се регулира овој бизнис. Постојат тие, кои ова го гледаат како општествено зло, како нешто што мора да се уништи за да се спречи деградацијата на човекот.

Од друга страна пак има и луѓе кои пробуваат да ја протолкуваат ситуацијата како нужно зло. Ако овој бизнис донесува профит, тој профит се оданочува и овие придобивки влегуваат во државниот буџет. Бизнисот како и секој друг има вработени, и тие имаат свои фамилии, па секоја нова регулатива и ним ќе им донесе неизвесност во нивната иднина.

Пред некое време имав еден интересен разговор за тоа дали треба државата да ги регулира овие прашања, и до кој степен. Надвор од основното прашање на самоопределувањето на човекот, можноста тој сам за себе да одлучува што и како да го води својот живот, се поставува прашањето како да се насочи општеството кон нешто позитивно, дали е можно да има баланс помеѓу профитот на големите казина (преку нивното оданочување- дел од тој профит да се најде во јавни проекти) и потенцијалните уништени животи на коцкарите и  нивните фамилии.

Како пример за тоа како овој проблем се манифестира во регионот и обидите да се реши е во албанскиот закон за игри на среќа, изгласан во 2018 година, и кој стапува во сила на први јануари 2019 година. Со оваа низа на мерки албанската власт се обидува да ги реши негативните ефекти од коцкањето, преку стриктен систем во кој се забранува речиси секоја форма на организирано коцкање, без резлика дали станува збор за спортско обложување, онлајн или во живо, во повеќето локации низ Албанија, со исклучок на големите туристички места. На хотелите од пет ѕвезди во лиценцирани туристички одмаралишта им е дозволено да продолжат со овој бизнис, преку изговорот дека економската ситуација е таква што обложувањето мора до продолжи да постои како бизнис.

Албанија во прашањето на бизнисот со коцкање е во незавидна положба. Константно се потенцира фактот што бизнисот е толку голем што илјадници луѓе се вработени во него, па било каква регулација или пак забрана ја загрозува нивната егзистенција. Потоа следат проблемите со високата корупција и обвинувањата дека овие бизниси се центри за перење на пари и други нелегални активности, од што владејачките олигарси и политичари профитираат на грбот на народот.

Забраната била донесена поради тоа што негативните ефекти на разузданиот бизнис на обложувалниците полека го дезинтегрира ткивото на албанското општество, уништувајќи ги животите на коцкарите и нивните семејства, создавајќи едно општество на голи сиромаси кои сакаат да избегаат од нивниот беден живот преку победата на коцка, како и богати бизнисмени кои со радост гледаат како овој сиромав залудно ги троши своите последни леки на етеричен сон. 

Овие мерки за забрана на коцкањето се покажуваат како неуспешни. Албанскиот премиер Еди Рама изјавува дека онлајн коцкањето е невозможно да се искорени, па затоа би било подобро да се ревертира законот и да се врати стариот метод за да се зајакне економијата.

Ваквата изјава е критикувана како неуспех на власта во регулирање на овој општествено штетен бизнис, како и  типичното балканско обвинување за корупција на власта преку потклекнување од силното лобирање на овие бизниси, и вмешаност на криминалниот елемент во нив.

Слично е и во соседна Грција каде за  да се отвори обложувалница, потребно е да се следат стриктни правила за тоа кој, каде и како ќе го врши коцкањето. Грција како земја која голем дел од својот БДП го стекнува преку туризам се надева дека туристот ќе потроши дел од своите фондови на коцкање. Но, и овде просечниот Грк е подложен на корозивните елементи во сонот за лесни и брзи пари, па и овде се појавуваат скршените семејства и залудните надежи на луѓе кои ден за ден, година за година, ги даваат сите свои заработки на кладилницата.

И овде се поставува прашањето што може ние да направиме. Нашиот закон за игрите на среќа и забавните игри се обидува да ги регулира овие проблеми. Коцкањето секако е дозволено само доколку бизнисот се стекне со лиценца и ги почитува правилата како што се претставени во законот, но и овде се појавуваат обвинувања за коруптивни елементи  како и во претходните примери. Исто така како што напоменав на почетокот овој бизнис преку својот константен раст денес вработува голем број на луѓе и директната забрана ќе доведе до низа на невработени луѓе, како и дупка во буџетот од изгубените добивки на обложувалниците.

Денес кога се шетам низ улиците на било кој град во Македонија забележувам како полека и пополека локалните бизниси се затвораат и на нивно место се појавуваат нови казина и спортски обложувалници. Како печурки по дождот, тие изникнуваат насекаде, и полека го задушуваат секој друг бизнис. Човек кој живее на периферијата од градот не мора да доаѓа до центарот за да се коцка, тој слободно може да ја даде целата своја плата на новата обложувалница во неговото маало