Иван Козарев – Балкан – Првиот партизан на Балканскиот полуостров
На денешен ден, 27 јуни 1941, само пет дена по германскиот напад на СССР , Македонецот Иван Козарев убива двајца бугарски фашисти во близина на неговото родно село Добриниште, Пиринска Македонија. Со тоа Козарев станува прв борец против фашизмот на Балканскиот полуостров.
Кој е Иван Козарев?
Во југословенската историја македонските деца учеа дека првата пушка против фашизмот на Балканот пукнала во Србија. Тоа не е точно. Прв партизан на Балканскиот полуостров е Македонецот Иван Козарев.
На 27 јуни 1941 година , само пет дена по германскиот напад на СССР , Иван Козарев убива двајца бугарски фашисти во близина на неговото родно село Добриниште, Пиринска Македонија.
Српското востание против фашизмот почнува 10 дена подоцна, на 7 јули 1941 во Бела Црква, кога Жикица Јовановиќ – Шпанац убива двајца жандарми.
ЧЛЕН НА ВМРО (ОБЕДИНЕТА)
Козарев бил прекален македонски револуционер.
Роден е на 5 април 1901 година во селото Добриништe, Банско, Пиринскиот дел на Македонија.
Прогимназија завршува во родното место. Уште во далечната 1925 год. станува член на ВМРО (Обединета) која се борела за обединета и независна Македонија. Во тој период Пиринска Македонија била окупирана од Бугарија, и заради неговите активности Козарев постојано е следен и прогонуван, и повеќе пати е затваран од бугарските власти.
Козарев го прогонувале и следбениците на бугарскиот џелат Ванчо Михајлов, затоа морал постојано да се сели и живеел во повеќе градови.
Во 1935 год. повторно го затвараат, и останува во затвор 3 години, се до 1938 год. Во затворот се запознава со Никола Парапунов, исто така Македонец од Пиринска Македонија, и од тогаш почнува нивната заедничка борба.
По излегувањето од затвор, Козарев и Парапунов учествуваат во создавање на мрежа на македонско национално-ослободително движење во Пиринска Македонија.
Од 7 февруари 1941 год. Козарев заминува во илегала, а Парапунов во наредниот период ќе стане водач на Пиринските партизани. Козарев станува трн во окото на бугарската фашистичка полиција.
На 27 јуни 1941 година во близина на неговиот рибник во месноста „Струго” над Добриниште, при обид да биде уапсен од бугарските фашисти, Иван Козарев убива двајца од нив, и со тоа станува прв борец против фашизмот на Балканот, со што го означува почетокот на партизанското движење на Балканскиот полуостров.
На 26 јули 1941, Иван Козарев и Никола Парапунов во околината на Разлог ја формираат првата партизанска чета во Пиринска Македонија. Козарев го добива партизанското име Балкан. Бил прочуен како добар стрелец, и станал познат по својата храброст. Неговото име станало симбол на македонскиот отпор против фашизмот во Пиринска Македонија.
По загинувањето на Никола Парапунов во 1943, Иван Козарев станува командант на една од четите на одредот кој ќе го носи името на загинатиот Парапунов.
Козарев 3 години предводел напади и диверзантски акции против бугарската фашистичка војска и полиција, и никогаш не успеале да го фатат.
Ноќта на 31 март спрема 1 април, 1944 година, во близина на родното Добриниште, Козарев загинува во неразјаснети околности.
Неговиот соборец Александар Пицин не го препознава во мракот кога Козарев се движел кон местото каде биле собрани партизаните, и пука во него мислејќи дека е непријателски војник.
Македонската историја неправедно го има заборавено и запоставено првиот борец против фашизмот на Балканот.
ИВАН КОЗАРЕВ – БАЛКАН останува вечен симбол на македонскиот отпор против фашизмот!
Преземено од: Вапцаров