АктуелноЛокално

Аеродромци повикуваат на протест во 18 часот пред Мајчин дом

Откако утрово инвеститорот ја рестартираше градбата кај Мајчин дом, граѓаните од оваа скопска општина преку социјалните мрежи се организираат на протест.

Протестот е закажан за во 18 часот попладнево кај спорната парцела пред Мајчин дом.

Инвеститорот ја рестартираше градбата откако беа исцрпени сите механизми за запирање на градбата. Уставниот суд во средата ги одби претставките кои беа поднесени за преиспитување на уставноста на спорниот ДУП И-10.

Општина, како што посочуваат оттаму, е обврзана да ја почитува одлуката на Судот, како институција со највисока надлежност за овој случај.

За жал, исцрпени се сите механизми со кои општината се обиде да го оспори ДУП И10 и да ја стопира изградбата на објектот кај Мајчин дом, се додава во соопштението.

Од општината велат дека штетите од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ во однос на урбанистичкото планирање се веќе направени. Градоначалникот Златко Марин и новото општинско раководство остануваат цврсто на заложбите за зголемување на зелените површини и гарантирање похумани услови во општината.

Граѓаните од Аеродром минатиот месец одржаа протест кога парцелата беше оградена, а од Општината веднаш го стопираа градењето на 15 дена.

Активистите од „Сакаме Аеродром да дише“ тогаш посочија дека тие ќе го почекаат истекот на тие денови и повторно ќе протестираат штом инвеститорот започне со градежни активности.

Текстот е превземен од Нова ТВ.