Седло старо 2.700 години пронајдено во Кина
Во Кина во античката гробница Јангаи, која се наоѓа во Турпан (модерен Ксинџијанг, Кина), на која што територија живееле античките Јуши кои основале кралство во текот на 1-виот милениум п.н.е. пронајдено е кожено седло датирано помеѓу 700 и 400 п.н.е.
Седлото е пронајдено во гроб на жена во некрополата Јангаи во северозападниот кинески басен Турпан, според извештајот на Live Science. Се смета дека седлата за јавање потекнуваат од Централна Азија околу средината на првиот милениум п.н.е.
„Ова го става седлото Јангаи на почетокот на историјата на правењето седла“, рече Патрик Вертман од Универзитетот во Цирих.
Жената најверојатно припаѓала на културата Субеикси. Таа била облечена во палто од кожи, волнени панталони и кратки кожени чизми. Сместено во нејзиниот гроб како да седела на него, седлото било формирано од две перничиња од говедска кожа исполнети со мешавина од влакна од елен и камила и слама. Таквото седло би му помогнало на јавачот да одржи цврста позиција на коњ, дури и без узенгии, како и луѓето да возат на подолги растојанија, што придонесувало до поголема интеракција меѓу различните народи објасни Вертман.
Сличностите во оружјето, коњската опрема и облеката сугерираат дека луѓето од Јангаи можеби имале контакт со Скитите, кои биле номадски рани јавачи на коњи од регионот на руските планини Алтај.
Најстарото познато скитско седло е датирано помеѓу петтиот и третиот век п.н.е.