АктуелноИнтернационално

Крајот на Европа – Заедно со Русија на пат кон мултиполарност

– Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Според Валериј Коровин, авторот на книгата „Крајот на Европа – Заедно со Русија на пат кон мултиполарност“ светот во моментов е сведок на враќањето на Русија на глобалната светска арена, а крајот на униполарниот светски проект и зголеменото влијание на евроскептиците ги започнаа процесите на големи геополитички трансформации ширум светот. Сето тоа придонесува за формирање на нов модел – мултиполарен светски поредок.

На 10-ти февруари во Москва пред група странски новинари и дописници се одржа промоција на книгата „Крајот на Европа. Заедно со Русија на патот кон мултиполарност“ на рускиот филозоф и геополитичар Валериј Коровин. Валериј Коровин е политиколог, јавна личност, директор на Центарот за геополитички експертизи, постојан член на клубот Изборск, и важи за еден од најблиските соработници на рускиот филозоф и геополитичар Александар Дугин. Коровин е еден од најистакнатите приврзаници на ЕврАзиската идеја, според која Русија е посебна ЕвроАзиска цивилизација. Оваа книга дава можност читателите да се запознаат со погледите, мислењата и ставовите на руските геополитичари, приврзаници на ЕвроАзиската идеја.

Во своето излагање до присутните, Коровин истакна дека „Денес, Европејците се повеќе го поставуваат прашањето „кои сме ние? Европа стана заложник на глобалистичките проекти, а денешна Европа дојде во концептуален ќорсокак, следејќи го патот на дехуманизацијата и доаѓајќи до самиот раб на бездната.“

Книгата се однесува на судирот на Русија и Западот околу Украина, која што е главната геополитичка награда, како и на проблемите со кои се соочува Европа денес. Во книгата е опишан судирот за Украина преку геополитичката призма, кој што авторот на книгата го гледа како геополитички судир помеѓу Русија и Западот, односно САД, а Украина е само инструмент во тој судир.

Русија како посебна цивилизација, наследник на Византија и на византиското православие кое што е во основата на руската државност, се развива во свој цивилизациски модел, со свои вредности и традиции. Но Русија истовремено, го зела најдоброто и од источните цивилизации, но и од западните, и го приспособила кон својот цивилизациски модел. Низ историјата, Русија никогаш не се трудела својот цивилизациски модел, вредности да и ги наметне на Западна Европа, и не тврдела дека тие се универзални и дека тие треба да се распространат низ целиот свет, за разлика од Западот, кој што своите цивилизациски модели ги наметнувал со сила, а денес се труди неолибералните вредности да ги направи глобални. Русија си има свој историска пат, а Западот свој историски пат.

Според Коровин, на 24-ти февруари 2022 година, Русија решила да одговори на воениот удар во Украина во 2014 година, после кој Украина се претвори во инструмент во рацете на Западот за војна против Русија, и Русија на 24-ти февруари започнала војна против НАТО во Украина. 24-ти февруар го означува враќањето на Русија на историската сцена, враќањето на Русија кон себе, кон своите вредности, традиции и култура. За Коровин, војната во Украина е судир на цивилизациите, и светот после 2014 година живеел во стресна состојба, и судирот помеѓу Русија и Западот во Украина постојано лебдел во воздухот. Како резултат на државниот удар во 2014 година, Украина целосно подпадна под влијанието на Западот, и тогаш Украина се оддели од евроазискиот геополитички простор. Русија била наивна и верувала дека со помош на Минските договори ќе може да обезбеди неблоковски статус и воена неутралност на Украина, додека Западот го искористил тоа време за да од Украина создаде проект анти-Русија. Оланд и Меркел тоа го признаа. Доколку Русија воено интервенирала во 2014 година во Украина, таа ќе ја вратела Украина во евроазискиот геополитички простор, и ќе била избегната денешната војна и трагедија.

Секогаш кога Русија не поседувала воен паритет со Западот, секогаш се случувале војни помеѓу Русија и Западот. Историјата во последните 300 години тоа го покажува. Во времето на Советскиот Сојуз, кој што поседуваше воен паритет со Западот, Западот беше принуден на договори и отстапки пред Советскиот Сојуз. Западот тогаш ја признаваше воената сила на СССР. Денес, тоа не е така, и поради тоа, помеѓу нив мора да постои буферна зона, која што до 2014 година била Украина.

Коровин тврди дека Русија, како и СССР, барала почитување на своите геополитички интереси, била подготвена за бизнис и за трговија со Западот, и дека ефтиниот руски гас, нафта, ресурси се во голема мера заслужни за подемот на Европа во последните 50 години. Русија после распадот на СССР, со сите сили, тоа беше утврдено и на доктринално ниво, и целата руска надворешна политика во 90-тите години на 20-от век беше насочена кон интеграцијата на Русија во Западниот модел, но Западот не сакаше да ја вклучи Русија во својот модел, и Западот сметаше дека Русија како држава поразена во Студената Војна, треба да ги прифати барањата на Западот.

Според Коровин, Минските договори биле последниот обид на Русија да и го врати неблоковскиот статус на Украина, и после одбивањето на Украина да ги спроведе Минските договори, на Русија не и преостанувало ништо друго освен воено да интервенира.

Доколку Русија и Западот не најдат излезно решение од војната во Украина, тој не исклучува нуклеарна војна и крај на човештвото, бидејќи според него оваа војна е егзестенцијална за Русија, и враќање назад нема. За Коровин секој народ си има своја историска мисија, и Европа и европските народи мора да се ослободат од американската контрола. Како и низ целата човекова историја, иднината на човештото е во мултиполарниот светски поредок.