АктуелноЛокално

Министерот Сали не знае дека системот на Фондот за здравствено осигурување не работи веќе трети ден

Министерот за здравство Беким Сали не даде никакво објаснување за системот на Фондот за здравствено осигурување кој веќе трет ден не работи, дел од услугите не им се достапни на корисниците, а лекари почнаа јавно да се сомневаат дека се работи за упад. На прашањето што се случува со системот на Фондот, денес министерот Сали немаше одговор.

„Немам информации. Јас би предложил да се обратите до авторитети, директори на Фондот“, кусо одговори министерот Сали.

Вчера попладне од Фондот за „Макфакс“ објаснија дека паднал дел од системот кој ги има личните податоци за сите здравствено осигурени лица во земјава, но уверуваат дека пациентите не се засегнати од проблемот.

„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето на рецепти и со подигнување на лекови во аптеките. Во моментов има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти”, изјавија од Фондот за „Макфакс“.