Претседателот на борците oд НОБ – Никола Стојановски го слави 100-от роденден

„Претседателе, нека ви е честит 100-иот роденден!“ – Со оваа објава се јави утрово Боречката организација која објави дека д-р Никола Стојановски, претседател на Главниот одбор на Сојузот на борци од Народно ослободителната и антифапистичка војна на Македонија (НОАВМ) 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи го прославува својот 100-ти роденден. Стојановски ја извршува функцијата веќе втор мандат.

Д-р Никола Стојановски е роден во 1923 година во селото Скачинци, велешко. Завршил Медицински факултет во Белград, специјализирал педијатрија, а подоцна се стекнал и со титулата доктор по медицински науки. Речиси целиот работен век е педијатар и директор на Болницата во Велес. Ја извршувал функцијата пратеник во првиот парламентарен состав на независна Македонија и бил претседавач на првата конститутивна седница на Собранието во 1991 година како најстар и угледен пратеник во тогашниот состав.

Д-р Никола Стојановски е одликуван со повеќе признанија за неговите несебични заложби за подобро утре на нашата држава, за борбата за слобода и независност и како успешен претседател на Сојузот на борци.

Претседателот Стојановски е учесник во НОБ и еден од ретките живи борци од Втората светска војна.

Неговата посветеност, упорност, храброст, мудрост и непоколебливост претставуваат гордост, инспирација и мотивација за сите членови на Сојузот на борците и продолжувачите, информира боречката организација.