Освен Уставот, треба да ги отвориме и архивите и да се извиниме на Бугарите-жртви на комунизмот
Ако не се смени Уставот до ноември, преговорите со ЕУ ќе прекинат, предупреди неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи, но не се потребни само уставни измени за да продолжи евроинтеграцискиот процес, затоа што лани во јуни со потпишувањето на вториот Билатераен протокол со Бугарија, Македонија се обврза да исполни повеќе задачи. Во документот се наведени два сета задачи на исти теми – еден сет, како што се нарекува „мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“ и втор сет мерки кој ќе следи откако во Брисел ќе се комплетира отварањето на пристапните преговори. Темите на кои се однесуваат мерките се говор на омраза, рехабилитација на жртвите на репресии во комунистикиот период и темата за историјата.
Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување“.
За да се донесат овие измиени потребно е двотретинско мнозинство од 80 пратеници кое власта на чело со СДСМ го нема, но оптимистички почнува процес на консултации, а опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не сака да го обезбеди и бара предвремени парламентарни избори.
Владата, СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски го користат нарт дека е потребно обединување во име на европската иднина на Македонија, за која имаме консензус во општеството, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го отфрла сето ова како предавство, со обвинување дека тој што го договарал требало да мисли дека тие „не излегле на избори ветувајќи им на граѓаните промена на Устав и потпишување на капитулација“.
Ќе има и цензура
Во групата мерки што треба да се случат паралелно со промена на Уставот, значи во текот на наредните неколку месеци се изготвување на закон со кој ќе се обезбеди отварање на сите архиви од комунистичкиот период и ќе се превземаат мерки против секој вид на говор на омраза. Од Владата лани потврдија дека изготвуваат законско решение кое ќе биде „сеопфатната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање“. Засега нема конкретни најави кога овој закон е биде изготвен и ставен во владина и во собраниска процедура. Лани од Владата за медиумите изјавуваа дека имаат доволно време.
Според Протоколот, правната рамка треба да создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, употреба, објавување и заштита на соодветните документи. Бугарија, пак, изјави дека веќе овозможила и ќе продолжи да овозможува пристап кон нејзините архиви од поранешниот репресивен апарат на службите на државната безбедност.
Во Протоколот Владата се обврза и да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите.
Во врска со мерките против секој вид на говор на омраза двете држави се обврзаа дека без одложување ќе создадат соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на говор на омраза, меѓудругото и во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор. Засега таква процедура не е создадена, само Министерствата за надворепшни работи се определени како контакт-точки кои ги информираат надлежните институции за таквите случаи. А, предвидено е и двете држави да преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и да ги обесхрабруваат активностите на приватни субјекти што насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на македонско-бугарските односи
По промената на Уставот и комплетирањето на процесот на отварање на преговорите, следуваат нови задачи, а една од нив е Владата до почетокот на учебната година 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии.
Она што предизвика многу реакции е најавата за цензура во делот од Протоколот за говор на омраза кој вели дека двете држави ќе гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство. А секој што ќе земе пари од државата ќе потпише обврзувачка изјава за неприфаќање на сите форми на говор на омраза. Уште повеќе, предвидено е дека непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање.
Што ќе договори Комисијата ќе се исклеса на спомениците
За темите од историјата, пак, двете држави прифатија во 2022 и 2023 година да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката комисија за историски и образовни прашања.
Пред промената на Уставот македонската Влада треба да подготви и да достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение по историја на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата. По промената на Уставот, пак, двете држави треба да подготват предлог-текстови за лекции за настани и личности од заедничката историја за кои Комисијата постигнала согласност, а овие предлог-текстови ќе бидат приложени кон Протоколот за Третиот состанок на заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија. Овие текстови во иднина треба да се вклучат во соодветните учебни програми, учебници и други релевантни учебни материјали, но и да се напишат на табли, историски споменици, на информациските материјали во музеите и во други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост. Двете држави се должни и да се придржуваат кон одобрените текстови од Комисијата во јавните говори и изјавите при заедничките чествувања на истириските личности.
Комисијата, пак, доби охрабрување да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишување на овој Протокол, што би значело дека рокот од препораката искекува во јуни.
Комисијата лани одржа шест средби и усвои две групи препораки – за заедничко одбележување на историски личности од Средниот век и за корекции во дел од учебниците. Последниот состанок заврши без успех поради недоразбирања околу претставувањето на Охридската архиепископија во македонските учебници, а дискусиите ќе продожат во февруари, кога е првата средба во 2023 година, за која се планирани 8 до 10 состаноци.
- Текстот е превземен од infomax.mk