АктуелноЛокалноСтав

Тодоровски ги демантираше лажните обвинувања од бугарскиот новинар пренесени од русофобските медиуми во Македонија

  • Дарко Тодоровски e Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар кој веќе трета година е на докторски студии во Русија на Универзитетот РАНХиГС. Тој неосновано беше обвинет од непопуларен бугарски новинар од шести ешалон за работи кои немаат допир со реалноста. Оваа имагинација беше пренесена од бројни медиуми во Македонија, чии извори на финансирање се Западни центри на моќ кои непрекинато работат на развивање „русофобија“ и „русомрзие“, а својата субјективна вистина по одредени прашања се обидуваат да ја наметнат како апсолутна преку користење на различни дезинформации. По тој повод во целост ви го пренесуваме демантот објавен од Дарко Тодоровски.

Јас, Дарко Тодоровски ги демантирам тврдењата и обвинувањата изнесени од Христо Грозев, неколку бугарски и неколку македонски медиуми.

Сите кои што ме знаат и познаваат, знаат дека уште од 2014 година па и порано, пишувам на различни теми поврзани со геополитика, воени конфликти и воена индустрија, и знаат дека напишаното е мое мислење, став и убедување. Во детството тоа беше мое хоби, а денес е моја професија со која што научно се занимавам. Зад моето име и презиме има стотици лично мои статии, анализи, интервјуја објавени на различни јазици, медиуми, сајтови, портали во Македонија, Бугарија, Србија, Русија. Соработувам и сум соработувал со различни медиуми, сајтови, портали, универзитети, компании, аналитички центри во Македонија, Бугарија, Србија, Русија, Европската Унија и други држави.

Не сакав да пишувам додека траат големите Христијански празници, а и чекав да слегне прашината, и да видам што се ќе се напише во изминативе неколку денови. Преќу ноќ станав Звезда и „непријател на демократијата“ во Бугарија. Од Бугарија ниту еден медиум не ме контактираше за изјава, од Македонија Телма, Радио Слободна Европа и Вистиномер. За овие неколку денови се уверив дека новинарството на Балканот го достигнало дното, и дека во услови на Светска Војна лесно е да се обвини некој, без притоа да му се даде право да се брани. Особено доколку истиот тој живее во Москва, и кој што има свое мислење и ставови, најлесно е да се обвини дека е продолжена рака на Кремљ или руски бот.

Но да одиме по ред, почнувајќи од обвинувањата на Христо Грозев, и објавите во некои бугарски и македонски медиуми, во кои што има голем број на нелогичности, па и неточни работи, кои што лесно може да се докажат.

Нелогичност број 1 – Грозев тврди дека наводно јас сум или вработен или соработувам со Претседателската администрација и со Кремљ, или со некаква организација поврзана со руските железници, дека сум бизнисмен и како таков по почетокот на војната во Украина сум одговорен според него за ширење на fake news и дезинформации во Бугарија. За информација на Грозев и на бугарските и македонските медиуми, не работам ниту во Претседателската администрација, ниту соработувам со Кремљ, ниту пак со организација поврзана со руските железници. Студирам на Академијата РАНХиГС, позната како Претседателска академија, создадена во 90-тите години од бившиот руски претседател Борис Елцин, и министер за финансии Егор Гајдар, кои што важат за либерали, и Претседателската Академија до денес важи за либерална. Јас сум трета година на докторски студии, насока политологија, и темата на мојата докторска работа е „Механизми за регулирање на светскиот пазар за оружје во услови на политичка и економска конкуренција“. Како таква, темата на мојата докторска работа е директно поврзана со воените конфликти и воената индустрија. И темата на мојата магистерска работа беше „Меѓународно воено – техничка соработка: основни тендендии и перспективи“ и истата е поврзана со воените конфликти и воената индустрија. Затоа јас и пишувам на тие теми. Сето тоа може да се провери и докаже, со докази и документи.

Нелогичност број 2 – според Грозев, бугарските и македонските медиуми, наводно јас сум добивал готови текстови од Кремљ и сум ги објавувал на Поглед.БГ. Покрај Грозев, бугарските медиуми Дневник и Лупа, објавија дека од почетокот на војната во Украина на Поглед.БГ има објавено 5 мои статии. Да, статиите во Поглед.БГ се лично мои, со мое име и презиме, и статиите се напишани како резултат на тоа што јас бев дел од три прес-тури на Министерството за одбрана на Руската Федерација во воените зони во Украина. Во Поглед.БГ се објавени статии од 2 мои прес-тури во воените зони во Украина, плус има статии од различни настани и интервјуја, и сите тие статии се напишани лично од мене. Околу посетите на воените зони во Украина, јас бев во групи со по 40 странски новинари, и на моите профили има слики од тие зони, плус слики со реномирани новинари од Западот, од Италија, од Германија, Франција, од Блискиот Исток и од НР Кина. Не видов дека Грозев или медиумите ги обвинија овие новинари дека работат за Кремљ или дека ширеле лажни вести, бидејќи тие исто така напишаа за тоа што го видоа таму. Сите мои текстови во Поглед.БГ објавени како дел од прес-турите, се напишани врз основа на тоа што јас го видов во воените зони, и тоа што на нас странските новинари ни беше покажано од страна на Министерството за одбрана на Руската Федерација. Тоа лесно може да се потврди и докаже.

Нелогичност број 3 – иако нема факти и докази Грозев тврди дека сум плаќал по 250, 150 и 300 евра за секоја статија. Таквите суми на средства се плод на неговата бујна фантазија. Како што изјавив за македонските медиуми, подготвен сум да ги отворам и да ги ставам на увид на јавноста сите мои банкарски сметки и трансакции. Во последните неколку години не сум бил во Бугарија и не сум вршел никакви банкарски или други трансакции со Бугарија.

Нелогичност број 4 – која е логиката доколку се работи за fake news или дезинформации, истите да бидат потпишани со мое име и презиме и да бидат објавени? Моите статии се мои авторски текстови, а не се обични вести од неколку редови. Сето тоа може да се потврди и докаже. Има и други нелогичности невистини во трдењата и обвинувањата и на Грозев и на бугарските и македонските медиуми.

Профилите на социјалните мрежи ги затворив (не се избришани) бидејќи почнаа да ми пишуваат разни луѓе, од вреѓање па до закани. Немам намера времето да си го губам во преписки со такви луѓе.

Како резултат на изнесените невистини, обвинувања и дискредитација на моето име и презиме, ќе контактирам адвокати во Бугарија, се со цел, доколку е можно, поднесување на тужба против Грозев.

Со почит, Дарко Тодоровски