Полицијата во САД просечно убива по три лица на ден

Најмалку 1.176 луѓе биле убиени во интервенција на американската полиција во текот на 2022 година.

Неславниот рекорд подразбира дека во просек се убивале повеќе од три лица дневно или речиси 100 луѓе месечно, што е случај без преседан од 2013 година, т.е. од кога се врши мониторингот, соопшти организацијата која се занимава со мапирање на полициското насилство.

Речиси една третина од луѓето се убиени додека бегале од органите на редот, а според експертите, полициската употреба на огнено оружје во такви случаи е прекумерна и може да ги загрози другите луѓе кои случајно се нашле во близина на местото на настанот, пренесува Гардијан.

Расната нерамнотежа и дисбалансот во овие случаи е огромна. Речиси една четвртина од сите убиени се Афроамериканци, иако тие сочинуваат само 13 отсто од населението на САД.

Податоците од 2013 до 2022 година покажуваат дека Афроамериканците имаат три пати поголема веројатност да бидат убиени од полицијата отколку белците, а особено значителни разлики има во Минеаполис и Чикаго.

Да потсетиме, во мај 2020 година, Америка беше потресена од насилни улични протести по смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец кој почина во Минеаполис поради прекумерна употреба на сила од страна на белиот полицаец Дерек Шовин.

На 7 јули 2022 година, Шовин беше осуден на 21 година затвор за ова дело, но за жал, бројките покажуваат дека полициското насилство сè уште е многу присутно.

Следуваше еден од најмасовните протести под називот„Животите на црнците се важни“, како на американскиот континент, така и во европските земји како Франција, Германија и Холандија.