На вчерашната собраниска Седница пратеникот од Левица Борислав Крмов зборуваше за предлог – Буџетот на Владата за 2023 година.
Констатирајќи дека предложениот буџет има огромни дупки за чие покривање Владата ќе мора да ја задолжува државата со нови кредити, пратеникот укажа на намерата на СДСМ и ДУИ да воведат данок за малите и средните претпријатија.
Од каде ќе земе пари оваа влада? – Ќе земе од малите и средни претпријатија, и тоа е најавата дека до сега околу 50.000 мали и средни претпријатија кои што беа ослободени од данок на добивка, сега се планира со новата даночна реформа да плаќаат 10% данок на добивка што ги става во ситуација или да стават клуч или да работат на црно. Значи вие целата економија ја ставате на работ на колапс.
По укажувањето на Крмов за намерата на СДСМ и ДУИ да воведат данок на добивка на малите и средните претпријатија кои едвај крпат крај со крај во време на криза, пратеникот констатираше дека оваа влада е „Робин Худ за богатите“ која зима од домашните претпријатија за да ги субвенционира странските корпорации кои остваруваат енормни профити.
Оваа влада е еден вид Робин Худ за богатите. Таа зема од сиромашните, од средната класа, од малите и средни претпријатија и потоа преку субвенции тоа го враќа на мултинационалните корпорации кои што веќе имаат енормни профити, неколку пати зголемени во ова време на криза, кога луѓето тераат ден за ден. Кога не можат основни работи да си исплатат.