Апасиев: Мудра политика е да градиме партнерство со сите големи сили – САД, Русија и Кина
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во интервју за „Аргумент +“ на ТВ 24, ја истакна потребата за барање алтернатива, надвор од ЕУ:
Имаше една германска анализа, дека ние со ова темпо, во 2.100 и некоја година можеби ќе влеземе во ЕУ, тоа значи дека нашата генерација нема да дочека и ние треба да се помириме со тој факт и да си бараме друго чаре, бидејќи светот станува мултиполарен. Не е само егоцентричен како што сакаат тоа Маричиќ и компанија да ни го наметнат дека сме неспособни за држава.“
Во интервјуто, Апасиев истакна дека мора да соработуваме со големите сили САД, Русија и Кина, наместо досегашната, унитарна, вазална политика на актуелните власти:
Ние како мала држава мораме да градиме партнерство со сите големи сили – САД, Русија и Кина. Без нив црно ни се пишува. Еден вид на Титова политика, да играте со сите, но да бидете на еквидистанца од сите. Тоа е мудра политика, а не вазална. И нема што некој да ви дозволи – народот гласа, не гласаат амбасадорите. Оваа вазална елита на СДС, којашто ја пропагира оваа политика е токму тоа, вазална. На нив им се прогледува за сите криминали со цел да го држат народот со свиткана кичма. И затоа народот природно си бара друга опција, затоа што не е застапен од нивните политики.“