АктуелноЛокално

Дали тимот од САД доаѓа да си ја среди корупцијата!?

Вчера, американската амбасадорка фамозно ни најави дека од САД во Македонија ќе доаѓал тим за санкции со што ќе ја сузбивале корупцијата во државава.

Па, логично би било да поставиме прашање до амбасадорката: од каде ќе почне со работа овој тим, односно, со кој случај ќе ја отпочне својата работа?

Еве еден предлог би бил, тие својата работа да ја отпочнат, на пример со случајот „Автопати во четири очи“, каде со Закон се предвиде (читај: намести) директни преговори за изградба на автопатите по принципот „клуч на рака“, или инаку кажано „на крај ќе ти кажам колку чини“. 

Оттука, ја користиме оваа прилика да ја потсетиме амбасадорката дека споменатите преговори беа водени токму со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за тие целосно да ги проектираат и изградат автопатиштата, но без учество на тендер. Додека Законот за изградба на коридорите 8 и 10 Д, кој овозможува директна зделка односно да нема тендер, беше донесен во Собранието, откако Владата претходно потпиша Меморандум за соработка токму со американската компанија „Бехтел и Енка“. 

Потоа следеше епизода каде Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) истиот го оспори пред Уставниот суд, со образложение дека тој ги крши уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото дека Републиката ќе преземе мерки против монополска положба.

Меѓутоа, Уставен ја отфрли иницијативата на ДКСК. Првиот вицепремиер Артан Груби, кој сега е дел од владината работна група, одлуката на Уставен ја нарече „вест на годината“ бидејќи сега немало правни пречки да се оствари сонот на граѓаните за автопатско поврзување од Ќафасан со Албанија до Блаце со Косово.