Левица: Буџетот за превенција од ХИВ вирусот не сме да биде намален
- Реакција на Левица – Здравствен сектор
Денес се одбележува Светскиот ден за борба против СИДA. Секторот за здравство при политичката партија Левица потсетува дека ги поддржува насоките да се воспостави целосна контрола врз инфекцијата и да се создадат услови за долго и квалитетно живеење за луѓето што го имаат ХИВ вирусот или СИДА.
Се’ уште нема пристап до специфична вакцина против овој вирус, но достапни се предекспозициска профилакса, односно пилули како превенција од ХИВ, антиретровирусна терапија и крвни тестови што покажуваат кога некое лице е позитивно. Лицата со ризично однесување доколку имаат пристап до методите за превенција нивните шанси за пренос на овој вирус се речиси непостоечки.
Левица испраќа апел до надлежните политички структури и до граѓаните дека треба сите да се посветиме на ставање крај на оваа опасна состојба. Во нашата држава најчесто ХИВ позитивните луѓе не се тестираат на време бидејќи не чувствуваат никакви симптоми, но болеста постепено доведува до сериозно оштетување на имуниот систем и инфицираните се подложни на дополнителни инфекции.
Податоците велат дека околу 250 луѓе во Р. Македонија примаат терапија, а претпоставка е дека околу 500-600 луѓе се инфицирани и секој ден треба да примаат терапија.
Со новиот предвиден буџет за здравство за 2023 година, видливо е дека се намалуваат парите наменети за СИДА.
Доколку овој несериозен пристап на Владата на Република Македонија не се промени, во текот на следните години се очекуваат нови позитивни лица, нови случаи со симптоми и смртни случаи.