КИЦ со промоција на книгата „Празно место“ од Снежана Стојчевска
- Културно-Информативниот Центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на промоција на книгата „Празно место“ од Снежана Стојчевска, издавач: Современост
25.11.2022 година од 19 часот.
Во Салон 19:19, книгата ќе ја промовира Љупка Антеска, стихови ќе читаат Катерина Гогова, Биљана Стојановска и Долорес Атанасова-Лори, музичка поддршка Владимир Стојчевски на гитара.
„Празно место“ е книга за загубата, за љубовта, за семејството, за секојдневието, за проблемите, за пандемијата, но и за радоста која произлегува од конекцијата со блиските луѓе. Покрај овие теми, отвора прашања и за минливоста на времето, за материјалното и духовното постоење, како и за самата поезија, како начин да се обезбеди вечност.
Снежана Стојчевска (1980) дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 2008 до 2022 година работи во филмската продукција Квазар Филм, како координатор продукција. Има работено на повеќе македонски филмови и на голем број телевизиски реклами и кампањи.
Во 2012 година ја објавува првата поетска книга Шеќер по подот во издание на ИЛИ-ИЛИ, како дел од едицијата Русалки, во која се јавува како уредник. Под нулата е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје. По нив следуваат поетските книги Модри фантазии (Темплум, 2015), Треба да е лесно (Антолог, 2017), Ќе се завијам во песни (МИ-АН, 2019).
Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија, меѓу кои „Игропис“ (Фуснота, 2020), „Астални Проекции“ (Бегемот, 2018), зборникот „Креативни точки“, (МИ-АН, 2018); панорамата „Гласови на новиот век“, (ПНВ, 2018); „Ова е моето последно молчење“, (Антолог, 2016); „Гребени на љубовните пловидби“ (ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, 2014), „Лирски додекамерон“, (СВП, 2012), како и во изданија на меѓународни фестивали како на пр. на словенечки јазик во „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21 век“ (Велење, 2016), на српски јазик во зборникот „Поетики“, (Бања Лука, 2018) итн.
Во ноември 2019 година учествува на фестивалот за литература за деца и возрасни InterLese во Магдебург, Германија и за таа пригода избор од нејзина поезија е преведен на германски јазик и објавен во книжевното списание Oda (1/2020). Покрај овие настапи и објави, таа е редовен учесник на најзначајните поетски манифестации во земјава.