Левица оддаде почит пред партизаните Албанци во Јаболчиште
- Соопштение на политичката партија Левица
Денес, на Денот на ослободувањето на Велес, делегација на Левица оддаде почит во селата Горно и Долно Јаболчиште, во чест на оние кои заедно со партизаните ги дадоа своите животи за СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА.
Осумдесет години по овој масакр врз македонските Албанци, сведочиме дека ниту една политичка партија или политичар, кои припаѓаат на т.н. „албански блок“ не ги испочитуваа албанските партизани, кои рамо до рамо со македонските другари се бореа против фашистичкиот окупатор.
Наместо водење на политика на зближување помеѓу етникумите кои заеднички се бореа против фашистичкиот окупатор, политичката елита од т.н. „албански блок“, не само што ги запоставува спомен обележјата и историските факти кои неминовно водат кон градењето социјална држава во која еднакви се сите, туку постојано води политика мотивирана од сецесионистички идеи која води кон длабоки општествени поделби.
Во октомври 1942 година бугарскиот фашистички окупатор навлезе во селата Горно и Долно Јаболчиште, една недела по масакрот во Богомила и изврши нов масакр, овој пат во село каде доминантно живеат македонски Албанци.
Од страна на бугарскиот фашистички окупатор била барана локацијата на македонските партизани, но месните Албанци кои ја поддржувале НОВ и ја помагале со храна, логистика и оружје не ги издале партизаните, заради што биле мачени и ѕверски убивани од страна на фашистичкиот окупатор.
Како што многупати се покажало во историјата Македонците и Албанците можат заеднички да се борат за заедничка идеја и држава, но ваков систем не и е потребен на криминалната политичка елита, која си ги полни џебовите исклучително преку креирањето на поделби на етничка основа.