АктуелноЛокалноСтав

Ивановиќ: Организираниот криминал ве моли, не гонете го со Ислам, го боли

Колумна на новинарот Срѓан Ивановиќ за „Слободен Печат“

Во право беше Али Ахмети, претседателот на ДУИ, кога по лидерската средба во Собранието на новинарите, меѓу другото, им ја даде и следнава изјава: „Ако се отворат прашања од минатото, ќе нè спречат да одиме кон иднината“. И оваа изјава не е само генијална по својата содржина, туку и по тајмингот во кој е дадена. Да, додека Али говореше пред камерите и диктафоните, почна броењето на гласовите на обвинителите од цела Македонија, кои најголемиот дел од гласовите за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отидоа на контото на Ислам Абази.

А, кој е Ислам Абази? Се запрашаа веднаш новинарите, барем оние што не известуваа од лидерската средба и кои се мачеа да пронајдат негова фотографија. Попусто го бараа Ислам по социјалните мрежи, го гуглаа новинарите неговото име, ама фотографија не најдоа. Будалчиња, наместо да ја препрочитаат изјавата на Ахмети уште еднаш, во која тој советува „да не се отвораат прашањата од минатото“, веројатно мислејќи на минатото на јавниот обвинител, за кого до понеделникот ама баш никој немаше слушнато во Македонија.

Добро, не е баш така. Гостиварскиот обвинител по потекло е од селото Зајас, што значи дека е соселанец на Ахмети. Можеби Али го знае од дете, а можеби ги знае и неговите родители. Не знаеме, но знаеме дека тоа „нема да нè спречи да одиме кон иднината“, бидејќи така кажа лидерот на ДУИ, кој е докажан пророк на македонското политичко небо.

Има зли јазици во земјава кои велат дека Ахмети изјавата ја дал во врска со лидерската средба, свикана за да се убеди водачот на опозицијата да го промени ставот околу промената на Уставот. Поточно, да се најде начин како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да попушти околу внесувањето на бугарското малцинство во највисокиот законски акт. Ако веќе одиме во детали, од Христијан се бара да се откаже од гаранциите кои никој во Европа и во светот не може да му ги даде. Значи, тој бара гаранции од ЕУ дека со отворањето на Уставот ќе биде затворено, еднаш за секогаш, малтретирањето од страна на Софија, а сите му велат дека такви гаранции не можат да му дадат. Што значи, Бугарија ќе продолжат да нè тормози на секој чекор по нашиот евроинтегративен пат, ама ние ќе бидеме криви ако им се лутиме за тоа.

И, повторно се враќаме на минатото, односно на иднината. Бугарите ни го бараат минатото, а Али ни ја ветува иднината. Во минатото се нашите херои, поети, писатели и мислители, а иднината ни зависи од Ислам Абази. Да, токму од Ислам, човекот без биографија и без Фејсбук ќе треба да го гони организираниот криминал. Фејсбукот е тотално небитен, се разбира, но организираниот криминал е и тоа како битен. Па, во оваа држава само тој деловно-политички сектор е организиран. Го водат сериозни лидери, да не речам организирани луѓе, кои имаат свои соработници во сите пори од државата и од општеството. Организираниот криминал е како октопод, чии пипци досегаат до полицијата, до министерствата и до партиите (може и по обратен редослед). А тие што ловеле октоподи ќе ви кажат дека тоа е пеколно тешка задача. Октоподот треба да се убие во среде, но и тоа може да биде опасно, бидејќи овој единствен животен облик може да испушти силен отров, црн како мастило.

Му посакувам среќа на Ислам, да биде свртен кон иднината и да не гледа во минатото. Токму во минатото се крие отровот, а во иднината е спасот. Некои идни, млади и мрсулави организирани криминалци можеби со носталгија ќе си прераскажуваат за времето кога со Ислам Абази беше анонимен. „Ислам немаше ни профил на Фејсбук, ни слика на Инстаграм“, резигнирано ќе констатира неуспешниот криминалец, во разговорот со својот цимер од затворската ќелија.

Затоа, гонете го минатото, препуштете ѝ се на иднината. Од денес натаму не само криминалот, туку и Ислам од Зајас ќе биде организиран.