АктуелноЛокално

Левица: Македонската таекводно федерација нема слух за молбите на спортските клубови

  • Реакција на Левица – Сектор спорт

Таекводно клубот „Хулк“ уште од 2018 година има проблеми со Македонската таекводно федерација (МТФ). Иако уредно и навремено клубот си ги извршува сите обврски, по четири години сѐ уште не може да добие согласност од Таеквондо федерацијата за да биде нејзин полноправен член.

Од клубот велат дека опструкциите, но и заканите од страна на поединечни лица последните две години сѐ повеќе се интензивираат. Тие сметаат дека причина за притисоците е фактот што клубот „Хулк“ е еден од топ три најдобри клубови во Македонија кој остварува високи достигнувања на натпреварувањата надвор од нашата држава.

️Иако се имаат обратено и до АМС, оттаму покажале незаинтересираност и после толку години за да им излезат во пресрет за разрешување на проблемот со Федерацијата, за конечно да можат тие да натпреваруваат рамноправно со останатите и да ги бранат боите на Република Македонија.

Во изминатите четири години имаат учествувано на повеќе од триесет и пет регионални натпревари со освоени повеќе од сто и педесет медали за индивидуално и екипно натпреварување. Меѓутоа, клубот нема право да учествува во државните натпреварувања, бидејќи нема лиценца која се издава од страна на Федерацијата, а со тоа им се ускратува можноста на нивните членови да настапат како официјални репрезентативци на Македонија.