Целосен текст од Отвореното писмо на Левица испратено до ЕУ во кое се бара став и осуда за „културните клубови“

  • Целосен текст од Отвореното писмо на Левица испратено до ЕУ во кое се бара став и осуда за „културните клубови“ именувани по фашистички дејци

Почитувани,

Европската Унија (ЕУ) се роди како резултат на поразот на нацизмот и фашизмот, оттука произлегува и нејзината историска улога, зближувајќи ги европските народи врз темелите на взаемна почит и соработка, да се погрижи никогаш повеќе да не се повторат злосторствата од Втората светска војна предизвикани токму од овие идеологии.

Сепак, како што е забележано и во Резолуцијата за подемот на неофашистичкото насилство во Европа од 25 октомври 2018 година, донесена од страна на Европскиот парламент (2018/2869(RSP) , неофашистичките и неонацистичките групи, фондации и здруженија кои го глорифицираат и величаат нацизмот и фашизмот во Европа се во пораст. Во овој контекст, ја изразуваме нашата загриженост поради ваквиот тренд кој неодамна се појави и во Република Македонија, a истиот се спроведува и промовира токму од страна на земја членка на Европската Унија, Република Бугарија. 

Имено, со т.н. Француски предлог, кој беше предложен во време на француското претседателство со ЕУ, како „решение“ за надминување на спорот помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, се одреди содржината на Преговарачката рамка со која Република Македонија треба да ги води преговорите за членство со ЕУ.  Притоа, направен е преседан, со кој Унијата, на Република Бугарија ѝ дава контрола врз процесот на евроинтеграциите на Република Македонија. Преку вака поставената преговарачка рамка, истовремено, Копенхагенските критериуми за проширување на Унијата се заменуваат со критериумот за „добрососедство“, кој во овој случај, на Република Бугарија ѝ дава целосно асимилаторски права во политиката на проширување на ЕУ. Односно, ваквиот договор официјално ги увезува историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка на ЕУ, а со тоа на Бугарија ѝ остава одврзани раце во диктирањето на условите за напредокот на нашата земја кон ЕУ, условувајќи го со нивните барања, кои ја негираат нашата историја, јазик и самоопределување. Всушност, Бугарија ја користи својата надредена позиција како земја-членка на ЕУ за Македонија да ја уцени да ги прифатиме нивните инхерентно фашистички и асимилаторски претензии.

Насилно наметнатиот т.н. Француски предлог не е прифатлив за огромното мнозинство од македонските граѓани, а Парламентот на Република Македонија, спротивно на сите демократски принципи, не само што истиот го прифати под диктат на ЕУ и Република Бугарија, туку сега одбива и да распише референдум и покрај двете уредно доставени инцијативи за референдум. 

Паралелно со овој процес – во Македонија, оркестрирани од бугарската држава, беа регистрирани  и почнаа да дејствуваат две здруженија на граѓани во форма на „културни клубови“, кои со нивните симболи и активности го величат и глорифицираат нацизмот и фашизмот и прават обид за грубо ревидирање на историјата преку негирање на анти-фашистичкото минато на Република Македонија.

Првото здружение од ваков тип беше регистрирано во македонскиот град Битола. Истото е именувано по озлогласениот соработник на нацистите во Втората светска војна, Иван Михајлов. Ова здружение, „Центар за култура Иван Михајлов“ – Битола, во својот статут и програма наведува дека неговата цел е да го рехабилитира наследството и делото на Иван Михајлов и да ја промовира неговата идеологија. Идеологијата на оваа историска личност ни ја откриваат историските извештаи од кои несомнено може да се заклучи дека за време на Втората светска војна, Иван Михајлов бил во директен контакт со Хитлер и Химлер, соработувал со нацистичкиот режим и преку своите активности ја поттикнувал и поддржувал окупацијата на Македонија во Втората светска војна од страна на фашистичкиот режим на тогашна Бугарија. На отворањето на ова здружение, кое глорифицира нацизам и фашизам, присуствуваше највисока делегација на Владата на Бугарија предводена од тогашниот Премиер, Кирил Петков.

Второто здружение, кое во октомври 2022 година беше отворено во македонскиот град Охрид, е именувано по уште еден нацистички колаборационист и близок соработник на Хитлер, Цар Борис III, за кој историските факти наведуваат дека бил автократски монарх на Кралството Бугарија пред и за време на Втората светска војна и ја поврзал Бугарија со силите на Оската во март 1941 година. Дури и пред официјално да застане на страната на нацистичкиот режим, во јануари 1941 година, Цар Борис III го одобрил антисемитскиот Закон за заштита на нацијата, кој на бугарските Евреи им го ускрати државјанството и им постави бројни ограничувања. Како резултат на неговото владеење, а со помош на нацистичкиот режим на Хитлер, во периодот од април 1941 до септември 1944 година, од страна на Бугарија била окупирана територијата на Македонија. Во овој период биле извршени бројни насилни дејствија врз локалното население, вклучувајќи и депортирање на 7.144 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка. 

Потсетуваме уште еднаш дека ваквите активности на Република Бугарија се во директна спротивност со Резолуцијата 2018/2869(RSP), каде што Европскиот парламент признава дека е „длабоко загрижен поради нормализацијата на фашизмот, расизмот, ксенофобијата и другите форми на нетолеранција во Европската унија и е вознемирен од известувањата дека во некои земји-членки, трендот на нормализација и глорификација на фашизмот и нацизмот е во дослух со политичките лидери, политичките партии и полицијата на тие земји“. Воедно, во истата резолуција, Европскиот парламент повикува “земјите-членки да го заштитат нивното усогласување со одредбите од Рамковната одлука на Советот, за да се спротивстават на организациите кои јавно шират говор на омраза и насилството и ефективно да се забранат неофашистичките и неонацистичките групи и која било друга фондација или здружение што го воздигнува и велича нацизмот и фашизмот“.

Напоменуваме дека во резолуциите на Обединетите Нации За борба против нацизмот, неонацизмот и неговите современи форми и практики, A/RES/69/160 од 18-ти декември 2014 година, како и A/RES/76/149 усвоена од страна на Генералното Собрание на ОН на 16-ти декември 2021 година, кои го осудуваат глорифицирањето на личности и организациите кои соработувале со нацистичкото и фашистичкото движење, и најстрого се осудуваат инцидентите поврзани со величење и пропаганда на нацизмот, вклучително и сквернавење и уништување на анти-фашистичките симболи и споменици на жртвите од Втората светска војна. Воедно, во резолуциите се препорачува земјите да преземат соодветни конкретни мерки за да се спречи преиспитувањето на резултатот од Втората светска војна и негирањето на злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени за време на Втората светска војна.

Дополнително, би сакале да ви укажеме дека Република Македонија во сите облици и капацитети, ги почитува правата на припадниците на малцинствата, вклучително и правото на основање и одржување на сопствени здруженија и партии. Голем број здруженија на припадници на бугарското малцинство се регистрирани во Македонија и функционираат слободно и без никакво мешање од властите. Сепак, спротивно на ова, македонското малцинство во Бугарија се соочувало, и сè уште се соочува со политички и правни потешкотии и опструкции. Имено, Бугарската држава забранува основање на здруженија и партии на македонското малцинство во Бугарија, што резултираше со неколку одлуки и пресуди на Европскиот суд за човекови права против Бугарија, кои никогаш не беа почитувани. Сите вакви и слични дејствија на бугарските власти директно го прекршуваат членот 2 од Договорот за Европската унија, каде што е пропишано дека Унијата е заснована на вредностите на почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата и дека таквите вредности се заеднички за земјите-членки.

Вашиот молк како и изјавите на претставници на институциите на Унијата, кои во изминатиов период активно учествуваат, го набљудуваат и оценуваат односот помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, оставаат впечаток дека Европската Унија го охрабрува овој тренд на промоција и глорификација на наци-фашистичките идеологии и нивните современи деривати.

Со оглед на горенаведеното, од Вас како претставници на највисоките и релеватни институции на Европската Унија бараме да го обелодените вашиот став по ваквите случувања и јавно да ги осудите акциите на Бугарија за промовирање и поддршка на здруженија кои глорифицираат нацистички соработници со антисемитска, фашистичка и антимакедонска идеологија во трета земја преку злоупотреба на нејзините права на вето како земја-членка на ЕУ, континуирано кршење и непочитување на член 2 од Договорот за Европската унија, како и непочитувањето и неспроведувањето на 16 (шеснаесет) пресуди на Европскиот суд за човекови права и слободи во однос на македонското малцинство во Бугарија.

Левица, како политичка партија со седиште во Република Македонија, е подготвена да обезбеди дополнителни информации доколку тоа се смета за корисно од ваша страна.

Со почит,

Проф. д-р Димитар Апасиев

 во име на македонскиот народ и Президиумот на Левица