Како Мицкоски и неговите соработници испумпаа половина милион евра за адвокатски услуги?
- Извор: Инфомакс.мк – А. Митовски
Во само две фактури, двајца адвокати испумпале 14.809.392 денари за неколку месеци од Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ во Скопје, а уште толку од другите јавни претпријатија во градот Скопје каде директори беа кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
На пример, еден адвокат фактурирал 50.000 евра од ЈП „Дрисла“ за три месеци работа.
Адвокатските трошоци за 2022 година во ЈП „Водовод и Канализација“, а кои се однесувале на ангажирање на адвокати за изготвување на платни налози за заостанати долгови кон претпријатието од правни и физички лица, изнесувале вкупно 27.825.872 денари, или речиси половина милион евра за 12.121 предмет.
Од овие предмети, повеќе од половина припаднале на само двајца адвокати од вкупно 14 ангажирани со договор од страна на претпријатието.
Повеќе од половина, или точно 6294 (53.20%) предмети биле предадени за работа на адвокатите Дарко Џартовски и Павлина Зефиќ. Само на овие двајца адвокати, од вкупно 14 им било исплатено 14.809.392 денари во две фактури, од вкупно 27.825.872 денари кои претпријатието ги должело за адвокатски услуги.
Она што е интересно е дека на овие двајца адвокати, Зефиќ и Џартовски, им се исплатени вкупните суми по фактура во рок од само неколку дена, додека фактурите на останатите 12 адвокати се уште не се исплатени, што пак го остава претпријатието отворено на тужби за наплата, што неминовно ќе доведе до зголемени трошоци за „Водовод и Каналзиација“ кои на крајот ќе мора да ги плаќаат скопјани.
И сето ова не би претставувало проблем, доколку, предметите би се распределувале еднакво на сите адвокати, со што би се намалиле трошоците на претпријатието и би се зголемила транспарентноста на постапките.
Всушност, секој адвокат има право да наплати за сопствената работа согласно адвокатскиот тарифник, со оглед на тоа што секое правно и физичко лице во земјава има обврска за правен застапник пред институциите.
Но, проблематично е фаворизирањето на двајцата адвокати кои наплатиле најголеми суми од „Водовод и Канализација“ или повеќе од половина од парите предвидени за адвокати работат како претставници на адвокатската канцеларија на адвокатот Панче Тошковски, кој истовремено е и претседател на правната и статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ.
Тошковски истовремено е и кум на екс-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, и близок пријател на Христијан Мицкоски.
Тошковски и претходно соработувал на сличен начин со Мицкоски. На пример во времето кога сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ беше директор на ЕЛЕМ, Тошковски склучил неколку договори под сомннителни околности со претпријаттието.
Мицкоски како директор на ЕЛЕМ, прво склучил Договор за адвокатски и советодавни услуги со Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ, на износ од 1.600.000 денари или 25.000 евра, за период од две години.
Само 5 месеци подоцна, во март 2017 година, Мицкоски склучил нов договор со Тошковски, вреден нови 8.850.000 денари односно 143.000 евра, за адвокатски услуги.
Адвокатот Дарко Џартовски пак, важи за близок пријател на екс-директорот на ЈП „Водовод и Канализација“ Златко Перински, кој всушност и ги парафирал договорите за ангажирање на Џартовски и Зефиќ.
Се поставува и прашањето дали дел од овие пари се прераспределувале и кон адвокатската канцеларија на адвокатот Серјожа Марков(бидејќи кружат и такви неофицијални информации), инаку, почесен конзул на Молдавија во Македонија и сопруг на пејачката Аделина Тахири која за време на предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ беше фотографирана заедно со лидерот на партијата Христијан Мицкоски и неговата сопруга?
Џартовски пак, фактурирал и околу 50.000 евра од ЈП „Дрисла“ за адвокатски услуги, а иако претпријатието има ангажирано и други адвокати за истите адвокатски услуги тие не добиле ниту еден предмет за работа.
Околу 50.000 евра, или 2.5 милиони денари фактурирала и Ружица Николова, адвокат, која истовремено е и член на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ но и активен член на партијата со низа на прес-коннференции одржани во штабот на партијата.
Интересна е и состојбата со предлозите за спогодби, кои мора да ги парафира нотар.
На пример, за нотарски услуги за нешто повеќе од половина година нотарката Ана Брашнарска фактурирала фантастични 19.884.163 денари или околу 350.000 евра. Останатите нотари заедно фактурирале вкупнно 2.770.371 денар. Инаку, Брашнарска важи за близок соработник на екс-пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски кој сега пак работи како советник за односи со јавност на претседателот на партијата Христијан Мицкоски. За нотарката се води и постапка пред Нотарската комора на Р.Македонија за одземање на нејзината лиценца, бидејќи како нотар не ги уплаќала судските такси во државниот буџет, иако истите ги наплаќала од нејзините клиенти. Случајот на Брашнарска со решенние на Управенн суд е вратен на одлучување пред Нотарската комора.
Од градот Скопје, но и од претпријатието велат дека веќе се работи на внатрешна ревизија на работењето на претходниот директор на ЈП „Водовод и Канализација“ и дека за сите недоследности ќе бидат информиранни надлежите институции.
Согласно членот 282 од Кривичниот законик, на овој начин екс-директорот сторил кривично дело повреда на рамноправноста во вршењето на стопанска дејност.
Систем 20%
Се повеќе ми станува јасно што мислат луѓето кога велат – „сите се исти“. Не сакав да верувам досега, но, по се изгледа дека народната мудрост уште еднаш ќе се докаже како вистинита.
„Сите се исти“ се однесува токму на ваквиот начин на владеење. Кражба и злоупотреба на државните пари преку вакви шеми.
Системот „20%“ важи со години, но досега беше докажан само во случајот на власта на СДСМ, а сега се докажува и во случајот со ВМРО-ДПМНЕ. Се погласни се муабетите дека ако сакаш работа од општините, или во случајов претпријатијата, треба и да се согласиш на овој систем.
Демек, од она што ќе го сработиш благодарение на милоста на Мицкоски и неговото раководство кое дава амин за тендери, ДУПови и договори, ти ќе треба да и вратиш на партијата 20% од исплатеното. Донација, де. За партијата.
Ви текнува на она „евро за црквата…“
И за крај, да се разбереме околу една работа – ако некој досега мислеше дека ќе отстапиме од нашата заложба за критика на власта, се излажал. И локалната власт, е власт.