АктуелноЛокално

Левица: Власта во мисија да ја уништи и така кревката културна сцена

Реакција на Сектор – култура при политичката партија Левица

Министерството за култура пo кој знае кој пат истапува со сомнителни и контраверзни одлуки. Јасно е дека културата е последна во интересот на државните политики, а добро ни се познати и нивните коруптивни зделки и доделување стредства на сомнителни чинители во културата. Овојпат, Министерството, на чело со министерката Костадиновска-Стојчевска, повторно истапува со нови одлуки кои предизвикаа бурни реакции, пред сѐ кај културните работници, уметниците и пошироката јавност.

Пред десетина дена, Министерството објави дека програмите за работа во културата со ребалансот на буџетот ќе останат пократки за 1 милион и 200 илјади евра. Тоа е над 30% од вкупниот буџет за програмски активности за годинава, кој изнесува 4 милиони евра. Со прости зборови, тоа значи, дека ќе се намалат средствата за реализација на проектите, за кои уметниците и организациите веќе имаат потпишано договори. Ова кратење несомнено ќе остави последици врз независниот културен сектор, што веќе се наоѓа во очајна положба, а претрпе и доволно штета како последица на кризата изминатите неколку години.

За жал, независниот културен сектор и голем дел од проектите се директно зависни од парите што ги доделува Министерството. Покрај широката лепеза на предизвици и проблеми со кој се соочуваат уметниците, кратењето на финансиите со кои едвај ги реализираат проектите (и кои секако се недоволни за пристојно опстојување) е последниот клинец во ковчегот на културата, која и онака е во очајна состојба.

Уметниците веќе реагираат дека со намалените средства од Министерството, нема да може да понудат програма, а постои опасност да згаснат и долгогодишни програми и организации кои опстојуваат со овие средства.

По овој повод, Левица апелира, власта да не се однесува како како да е ставена во мисија да ја доуништи и така кревката културна сцена, оставајќи ја последна на скалата на државните интереси. Министерството за култура, наместо да се однесува како џелат на културата, да почне да се залага за развој на истата и да помага во решавање на проблемите со кои се соочуваа независната културна сцена, а не истите да ги поттикнува.