Запалена слика пред Собранието на Република Македонија
Од Влада кон Министерството за надворешни работи, па до Собранието, се движеше денеска маршот против францускиот предлог, со чие евентуално прифаќање треба да се крене бугарското вето и Македонија да ги започне преговорите за влез во Европската Унија.
Мотото и денеска, на петтиот ден од протестите беше „против бугаризацијата на Македонија“. Маршот беше предводен со тапани и голем транспарент на кој пишуваше „Со фашисти не се преговара“.
Пред Собранието пак присутните истакнаа и запалија голем плакат со сликите од пратениците од власта, со наслов „Предавници на народот“.
Ова е петти ден по ред како граѓани протестираат против прифаќањето на францускиот предлог. Во вчерашните протести имаше нереди кои резултираа со 47 повредни полицајци според соопштението на МВР. Приведени беа 11 лица, меѓу кои двајца малолетници.