АктуелноЛокално

Четиво за Рацин

  • „Четиво за Рацин“ напишано од Александар Кукулев – Велешанец, вљубеник во делото на Рацин, по повод планинарскиот марш во чест на македонскиот поет одржан на 12.06.2022

Еден град и една ноќ и една безвременска димензија. Една улица со француско име, еден јуни кој ги распослал мирисите на цвеќињата во паркот и една пролет што одминува. Едно камено срце, една руса коса и крвава трага наместо мастило. Една патека помеѓу двата разгранети јавори, љубоморно ја чува тајната за бакнежот во април. Еден човек болка и едни стихови. Едно име и едно презиме како азил за душата која никогаш нема да најде засолниште. Една картичка од под гредата повторно ги расцутува трагите на последниот атом од својата болка. Еден писок на една мајка во никогаш потемната ноќ без месечина. Едни чекори проколнати вечно да чекорат по истите сртови на истата планина. Едно СТОЈ, или ниту едно СТОЈ во желба од зад грб да се убие муграта. Еден народ што памети и едни деца кои говорат стихови, та уште од мали прават кандилце од зборови, за да не изгаси пламенот на најголемиот, на бесмртниот… на нашиот…

Овде во Велес, сјајот од сонцето во јуни, низ крошните  испишува аманет оставен со последен поглед.

Мислеше ли на непријатното студенило на ноќта, која на две нозе се спушти врз недогледот…или можеби првпат прошепоти библиски псалм со кој го молиш севишното за прошка кон оние кои не знаат што прават!?

Одек од истрел често ја распарува тишината…по него само птиците полетуваат со избезумена сигурност, ги достигнуваат четирите страни на светот и раскажуваат за тебе. 

Најжив си на местото на кое безумието извика “Стој”!!!. Не ја застанаа песната.. ја запрел ли некој љубовта…болката? Ископаа длабоко јама за маката, за да земјоса, да црвјоса, божем да не се врати, а незнаејќи посадија семе од кое никна широчина.

Ние се раѓаме со научени стихови, им се радуваме на првите планински цвеќиња со кој самовилите те овенчуваат со секои нови бели мугри. Имаме силно оружје, со стихот удираме по неправдата, во болка-со стих воздивнуваме…а ти…конечно имаш право да се разлееш во насмевка, да погледнеш од пиедесталот на горската светлина и да видиш кој  дошол во твојата планинска одаја на вечноста. . . се Рацин до Рацин.

Им простивме на оние кои овде доаѓаа низ историските капиџици, поетските просечности и човечките заблуди, на тие кои скриушем доаѓаа од подалеку да видат дали убаво ја истапкале црницата со која мислеа дека очите ќе ти ги покријат.

Одовде најубаво се гледаат ноќите во април, светлината на светнатиот ден и белината на мугрите со која ти го прегрна светот и му го даде срцето..ширини широко, срце длабини длабоко, цел свет да збере и пак да е…за вија гради малечко!