Укината затворската казна на осудениот наследник на „Самсунг“
Апелациониот суд во Република Кореја, иако ја потврди пресудата против наследникот на „Самсунг“, Ли Џе Јонг, ја укина затворската казна. Ли Џе Јонг е осуден за корупција, поточно за подмитување на поранешниот претседател на Р. Кореја. Одлуката на судот може да биде оспорена од страна на Врховниот суд.
Апелациониот суд ја преполови казната од 5 на 2 и пол години, а му укина други пресуди меѓу кои за корупција и проневера на пари, со тоа ослободувајќи го од понатамошно престојување во затвор. Иако е ослободен, Ли планира да поднесе приговор и кон останатите пресуди кои сеуште важат.
Случајот беше будно следен од јавноста поради сè поголемото незадоволство од грстот фамилијарно-поседувани компании, налик на кланови, попознати како „чебол“. Ли лани беше осуден од понизок суд за случајот за корупција, во износ од преку 25 милиони евра, кој доведе до масовни протести против тогашната претседателка Парк Гун Хје кои завршија со нејзина оставка и предвремени претседателски избори.
„Чебол“, во Р. Кореја, е назив за огромните конгломерати кои de facto управуваат со економијата на земјата, поседуваат огромни количества на имот и имаат тесни врски со најголемите политички партии. Во некои случаи дури и приватно поседуваат цели градови и села и често се случува синдикални лидери на нивните вработени мистериозно да се „самоубијат“. Зборот потекнува од пиктографските карактери за „богат“ и „клан“, на корејски. Меѓу ваквите конгломерати, попознати интернационално се „Хјундаи“, „Самсунг“ и „Ел Џи“.
Ли е официјално потпретседател на „Самсунг Електроникс“, фирмата која ги произведува сите електронски апарати на „Самсунг“, е редок конкурент на тајванската „Фокскон“ и е круна на конгломератот „Самсунг Груп“. Неофицијално, Ли е глава на фамилијата, а со тоа и на бизнисот, откако неговиот татко, 74 годишниот Ли Кун Хи, доживеа срцев удар во 2014 година. Новиот претседател се кандидираше на анти-корупциска кампања и ветувања за „чистки“. Но, најновата пресуда е показател во насока на тоа дека сепак ветувањата биле празни. Интересно е што таткото на новиот претседател, како генерал, за време на државниот удар во 1961 година дојде на власт со воената хунта.