Со искрена намера се борев за македонскиот идентитет – гордо да го веам македонското знаме низ целиот свет
- Интервју со кајакарот Атанас Николовски
Атанас Николовски е познат во јавноста како нашиот науспешен кајакар. Тој беше дел од македонската олимписка репрезентација на Олимписките игри во Пекинг 2008, кога беше знаменосец на Македонија. На игрите, тој настапи во дисциплината К-1 и го освои високото 19-то место. Но, од поголемите успеси, вреди да истакнеме дека тој беше 6-ти на Европското првенство во 2004г. и 7-ми на Светското првенство во 2010г. Сепак, како што и тој самиот вели, голем дел од јавноста подобро го знае и памети по настапот на телевизиското шоу, „Танц со ѕвездите“, отколку од спортската кариера, што се должи токму на слабата медиумска покриеност на спортски настани, особено на индивидуалните спортови, а преголема застапеност на „сапуници“ и „реални шоуа“ за кои не е потребно критичко размислување.
Николовски јавно го изразуваше својот револт кога се случуваше промената на уставното име на Република Македонија, што беше само уште едно дополнително разочарување кое го оддалечи од татковината. Тој сега работи како тренер на кајакарската репрезентација на Казакстан.
А. Николовски: Јас и ден денес го изразувам својот револт за сѐ што се случува во Македонија, јавно излегов, со искрена намера за одбрана на македонскиот идентитет, за она за што цел живот се борев како спортист, да го веам гордо македонското знаме низ целиот свет. Она што сега го добивме како резултат, е македонските спортисти, со чесни исклучоци, да се срамат или да се плашат да кажат кои се, од каде се и гордо да се борат на спортските борилишта. Никогаш не сум се чувствувал ‘мал’ покрај големите нации, сите биле од крв и месо за мене, какви што се и ден денес. Она што денес го добивме во спортот, е само рефлексија на сѐ што се случува во македонското општество. Но не би рекол дека е една од причините поради кои сум се одлучил да работам надвор од Македонија. Не сакам да изгледа дека бегам, тука сум и се борам на свој начин, а секако и активно би се вклучил во сите промени.
Николовски работеше како Спортски директор во Кајакарската федерација на Македонија (КФМ), а беше дел и од разни проекти на АМС (Агенција за млади и спорт). Од 2009 година беше вработен во КФМ, додека паралелно тренираше, како активен спортист. За жал, најчесто тоа значи да си „професионален“ спортист во Македонија, односно да се балансира помеѓу посветеност кон спортската кариера и работа со полно работно време која носи финасии.
А. Николовски: Немав други примања освен од Федерацијата. На два пати бев стипендиран спортист од светска, односно меѓународна категорија, што со моите резултати заслужено ја освојував и ова ми носеше дополнителни примања. Но некако се бев опуштил во сопствената комфорна зона – влегуваш во системот кој те меле, а нема ништо добро за возврат од него.
Во кајакот моментално работат луѓе кои се тотално спортски неписмени. Толку е извитоперена работата јас искрено, со крајни сили пробував да избалансирам со самиот себеси, да не заминам, да помогнам да се направи систем внатре во Федерацијата каков што заслужува еден спорт кој е со традиција во секаква смисла на зборот. Но, тоа никако не можеше да се добие во Македонија, кога намерно се остава системот да ги уништува сопствените деца од неспособни луѓе. Но, да не должам многу, бидејќи би можел со денови да зборувам за ова. Целата слика се заврте по многу нервози, стресови, закани од поединци заради моето гласно говорење за спортот, а особено за одбрана на нашите национални интереси, па од целиот притисок, во 2018 година имав една немила ситуација од која секунди ме делеа да го загубам животот.
По долга операција, успеав да закрепнам, да се вратам и да речам доста е! Звучи како да сум побегнал, но кога требаше да избирам, се одбрав себеси пред да бидам заробен во мрежата на толку лежерната малограѓанштина и проклетија вдомена во нашето секојдневие поврзано со љубомора на нечиј успех, за којшто некој треба постојано да се брани.
Откако стресот и притисоците на неговата работна позиција во КФМ го довеле до работ на животот, тој одлучува своето кајакарско знаење да го сподели со светот. Изминатиов период тој е надвор од Македонија, како тренер својата кариера ја продолжи низ неколку земји.
А. Николовски: Од крајот на 2019 година потпишав договор со Тајванската кајак федерација како тренер на олимпискиот тим на Тајван за Олимписките игри Токио 2020. Начелно имав план да заминам на неколку месеци, до ОИ во Токио, но по првите подготовки со нив во Австралија ме затекна првиот бран од корона вирусот и морав да останам во Тајван. Во меѓувреме, ОИ Токио 2020 се одложија за 2021 година, со што се отвори можност да го продолжам договорот со нив сѐ до ОИ Токио. По завршувањето на ОИ иако имав понуда да останам во Тајван, но во месец август добив понуда од Казакстан која беше многу примамлива. Во месец октомври веќе потпишав договор со нив и останувам до ОИ Париз 2024.
Николовски, претходно има соработувано и работено како тренер на кампови организирани од ИЦФ (Интернационалната Кајак Федерација), на кампови за талентирани млади кајакари од неразвиени земји од светот, со што соработката и организацијата на тие кампови му отворија многу врати надвор од Македонија, и почитта која кајакарскиот свет надвор од Македонија ја има кон него како спортист и тренер. Нешто што тој жали дека не е така во нашата Македонија. Како за секој македонски успешен спортитс, така и за него, проблемите не произлегувале само од сопствената, матична федерација, туку и од АМС и МОК.
А. Николовски: Македонскиот Олимписки Комитет со кој имав огромни борби, а со кого и ден денес имам конфронтации затоа што застанав и јавно проговорив што се случува таму. Бев прв противкандидат за претседател на МОК во 2016 година, како противкандидат на г. Васил Тупурковски, ‘вечниот’ претседател на МОК. Никој не водеше грижа што македонските олимпијци се искористувани и злоупотребуваат од истиот и тоа се случуваше со години.
Антропол: Искуствата кои ги имаш собрано и како успешен спортист, а сега и како интернационален тренер се несомнено огромни. Кои позитивни идеи кои си ги стекнал и научил таму, би сметал дека би било одлично да се применат кај нас? Што би применил и променил во кајакарството, но и генерално во македонскиот спорт?
А. Николовски: Мислам дека кај нас треба да се почне од нула! Буквално сѐ да се сруши и да се почне од почеток, бидејќи ова што се случува во Македонија и македонскиот кајак е само прикривање на реалната слика. Мислам дека сме шампиони во светот во туркање сѐ под тепих, сѐ додека во еден момент тоа не ни експлодира и нема да знаеме кој крај би го фатиле.
Кога велам од почеток, тоа го мислам од дефинирање на структурата во спортот, давање од спортот за спортот. Стручната работа со спортистите, односно тренерите! Контрола на она кој и како работи во спортот, ревизија на нивното знаење, ревизија на Факултетот за физичка култура и здравје, какви кадри произведува и каде се тие кадри! Не може Факултетот кој е матична институција за производство на стручен кадар, да не води грижа за своите луѓе.
Поголема контрола во клубовите, на пример, во македонскиот кајак е очајна состојбата со кадарот во нив! Јас ви гарантирам дека ако сега прошетате во сите клубови, само три клубови од единаесет ги исполнуваат условите кои се предвидени во Законот за спорт и правилниците, а сето тоа така поминува, сѐ заради „мир во куќа”.
И најважно – во македонскиот устав не може да стои: „државата го потпомага спортот”! Што значи тоа? Дали значи дека ако имам 100 денари, можам да ти дадам 5 денари и тоа да значи дека те потпомогнам за да не исчезнеш? Државата секаде во светот го финансира спортот, бидејќи заедно со културата е најзначајна гранка за промоција на државата и националниот идентитет. Ова го научив во Тајван која знаете дека е држава која заради проблемот со Кина не е признаена и има проблем со промоција на својот идентитет. Тие максимално вложуваат во спортот, културата, технологијата… Бидејќи знаат дека тоа е единствен начин да ја промовираат својата држава! На оваа тема има многу простор за работа и многу можности, но пред сѐ, треба да се седне и со искрени намери да се донесат истрајни решенија за идните генерации македонски спортисти.
Инаку кога ме прашувате што треба да се случи за да бидам активен дел од некакви промени во спортот, одговорот е сосема едноставен! Луѓе кои искрено го сакаат спортот, интелектуалци кои знаат да седнат и да дадат идеи без задни намери и игри, сѐ во интерес на македонскиот спорт, македонската нација и промоција на Република Македонија.