146 годишнина од Разловечко востание

Пишува: Ивана Стоименовска – член на Централниот Комитет на Левица

Денес навршуваат 146 години од Разловечкото востание на македонскиот народ против Османлиското Царство. Востанието било кренато 1876 година во Источна Македонија, со центар во селото Разловци, Пијанечки крај, Делчевско. Востанието било неуспешно, меѓутоа има големо значење за будењето на националната свест и за народноослободителната борба на македонскиот народ.

Вo втората половина на XIX век Османлиската империја западнала во тешка општествено-економска криза. Таквата состојба непосредно влијаела за влошување на положбата на сите народи на Балканот што останале во нејзин состав.

Даноците биле зголемени и биле воведени нови, се засилиле злоупотребите на државните органи, се појавиле разбојнички банди кои вршеле грабежи и убиства.

Селаните најмногу страдале од своеволијата на собирачите на даноците и полските чувари (пољаците), како и од разбојничките банди.

Сето тоа го натерало македонскиот народ во Источна Македонија да се крене на вооружено востание против турската феудална власт, а за национално ослободување.

Организатори на востанието биле Димитар Поп Георгиев Беровски и неговиот дедо Поп Стојан од Разловци. Најголем проблем за успешно востание бил недостатокот на парични средства со кои требало да се набави оружје, муниција, облека…

За да дојде до пари, Димитар Беровски одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел, дел од својот имот продал и Поп Стојан, кој ветил и дека ќе го исплати сиот десеток за селаните од Разловци, за да можат да купат оружје. Учителките Станислава Караиванова и Недела Петкова биле задолжени да изработат знаме за идното востание. Знамето било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав и на него пишувало Македонија. Подоцна, по избувнувањето на востанието, во Разловци, на знамето било дополнително извезено Станете да ве освобода.

Во подножјето на планината Голак, Делчевско, се одвивала подготовката за востанието. Востанието требало да започне во Пијанец, каде требало да се ослободи главното место Царево Село (денес Делчево) и Малешевскиот дел, при што, со заеднички сили требало да се заземе Берово во кое имало помалку турски војници, и на крајот да биде извршен заеднички напад на главниот град во тоа време на двете области, Пехчево. Потоа, востанието требало да се прошири и во другиот дел на Источна Македонија.

За Разловци се раскажува дека некогаш во селото имало некој Турчин по име Алиман. Тој силувал жени и ги терал да го служат со сè што ќе посака. Тој отишол во црквата и се молел господ да му ги прости гревовите. Но, на излегување го сретнал поп-Стојан и тој почнал да се смее. Поп-Стојан го прекинал неговото смеење и му рекол: „Алимане! до кога жените ќе ги измачуваш, а јас ќе крштевам твои деца?“ Алиман со смеење одговорил: „Ќе престанам кога ќе крстиш мое дете од ќерка ти и внука ти.“ Поп-Стојан се изнервирал и го ранил во стомакот. Алиман ранет со тројца свои другари отишол во куќата на еден болен старец. Таа куќа била запалена, Алиман изгорел. По неколку дена турскиот аскер дошол да се одмазди за убиството на Алиман и така всушност и почнало востанието. За своеволието на Алиман, и за храброста на Поп Стојан, во Делчевско се испеани многу песни.

Разловечкото востание, и покрај неговото брзо пропаѓање, е од особено значење за историјата на македонскиот народ. Востанието самостојно го организирала, материјално го издржувала и го извела македонската световна и духовна интелигенција, со масовно учество на селанството.