АктуелноЛокалноНастани

(Видео) Левица – Сектор спорт: Титула шампиони на Македонија со знаме на соседна Албанија

  • Реакција на Левица – Сектор спорт

Фудбалерите на Шкупи (поранешни Слога Југомагнат) одиграа одлична сезона која ја заокружија со шампионска титула во Првата македонска фудбалска лига.

Избраниците на Гоце Седлоски покажаа најмногу и заслужено се израдуваа на трофејот.

Она што e неприфатливо за македонската јавност, е непочитувањето на клубот кон земјата во која се шампиони – Македонија. Ова непочитувањето од нивна страна, е навреда кон Македонија и македонскиот народ, особено што често го изразуваат само со истакнување на знамиња на соседната земја (Албанија) и неистакнување на знамето на земјата во која се шампиони – Македонија. Јасно се гледа на видеото од атмосферата на стадионот во Чаир во последното коло против Академија Пандев.

Согласно Законот, има точно предвидени стандарди, во кои услови се користи и знаме на одредено малцинство во Македонија, но притоа, согласно Законот, ова истакнување на знаме на малцинстават никако не смее да биде доминантно, или на било кој начин да се доведе македонското знаме во потчинета позиција при истакнувањето на друго знаме до него.

Ова националистичка тактика на провокации се повторува често на спортските натпревари, а тоа што не се санкционира, само ги охрабрува прекршителите да продолжат со истата национал-шовинистичка стратегија.

Јавно ги повикуваме Агенција за млади и спорт (а во конкретниот случај и Фудбалска федерација на Македонија) посериозно да го сфатат овој негативен тренд кој директно удира по унитарноста на Македонија и прави раздор на спортските терени.

Бараме строги парични казни, пријави во надлежните институции и во крајна линија, доколку овој тренд сепак продолжи, да има исклучување на тимовите од Федерациите!