Левица: Нови 100 изгубени денови во министерството за животна средина
- Реакција на Левица- Зелен Сектор
Поминаа 100 денови од изборот на старо новата Влада. Министерот за животна средина Насер Нуредини, се испофали за „историските големи исчекори„ во Македонија на ова поле, и на прес конференција изјави дека „цврсто гази по трасираниот пат кон чиста и зачувана животна средина„
После нови 100 денови погубно владеење, очигледни се само неколку факти.Тоа се смислата за хумор на министерот Нуредини, неговиот видлив напредок во зборување на македонскиот јазик, и новоизгласаниот ужасен закон за минерални суровини кој ги фаворизира бизнис елитите, и со кој се продолжува да се распродава националното богатство.
Министерот при своето обраќање пред новинарите се пофали дека ќе правел системи за водоснабдување во секое населено место, додека Државниот инспекторат за животна средина има само двајца инспектори за води и нуту едно теренско возило.
Нуредини вели дека обезбедил кредит од над 100 милиони евра за регионални депонии и за колекторски систем за третман на отпадни води, додека во Општина Свети Николе има донесено одлука за Референдум против регионална депонија, а прочистување на отпадни води е научна фантастика за најголем дел македонски општини.
Луцидната смисла за хумор на Нуредини продолжува со изјавата дека ќе чистел 25 диви сметишта на Шар Планина, додека премолчува за постоењето на над 30-тина активни диви сечи низ државата кои буквално го маскарираат ново формираниот национален парк и македонските шуми.
Во неконтролираниот наплив на лицемерен хумор, Нуредини вели дека обезбедил дури нови две мерни станици за мерење на амбиентален воздух во Берово и Прилеп, а пред три недели негови вработени праќаат официјален меил до Општина Велес во кој „татковски „ ја советуваат Општината дека не смее да купи европски лиценцирани мерни станици.
Министерот направил и т.н. Водна книга која овозможува увид во користењето и управувањето со водни ресурси, и обезбедил над 50 милиони денари за регулација на водотеци , а притоа истиот тој Нуредини лицемерно молчи дека концесионерите на малите хидроцентрали и должат неверојатни 22.8 милиони денари на државата за уништувањето на реките, а хидроцентралите функционираат без направена Оценка на влијание врз животната средина.
Притоа, Нуредини заборави да не потсети дека шест проценти од сметките за струја на секој граѓанин, одат за субвенционирање на хидроцентрали.
Врв на сатиричниот прес на Нуредини е неговата изјава за усвојување на новиот Закон за инспекциски надзор во услови на гротескна реалност кога најголем дел од државните еколошки инспектори ги молат сопствениците на загадувачките комплекси дали и кога може да дојдат и да извршат редовен инспекциски надзор, и во услови кога најголем дел градови и региони немаат ниту локални, ниту државни еколошки инспектори.
Министерот Нуредини веројатно и не знае што е тоа вонреден инспекциски надзор.
За Левица, изгубени се нови 100 денови во животната средина. Изгубено е и ова Министерство кое останува да биде заложник на уште еден неспособен и залутан министер кој е експонент на една корумпирана партија и Влада.