Десетици ромски семејства одбиени за парична помош без образложение

До Антропол стигна информација од ромски семејства кои, врз основа на владината одлука за гарантирана минимална помош, се обиделе да поднесат документи во Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа на Шуто Оризари и Чучер Сандево, биле одбиени без да им се примат документите.

Според сведоштвата на луѓето, оние семејства кои стигнале да ги прибават потребните документи и да поднесат барање во првата недела од процесот ја добиле гарантираната помош, но потоа процесот бил прекинат. Тие уредно ги собрале документите, за чие издавање потребно е плаќање на административни такси кои знаат да бидат отежнувачка околност за социјално загрозените семејства, какви ги има многу во Шуто Оризари. Но, без повеќето од нив да бидат воопшто примени, биле вратени со паушални образложенија. На оние што се обиделе да предадат им било кажано прво дека „мерката не важи, министерот лаже“ а, наредната недела на останатите дека „рокот е изминат, тие што добиле – добиле“ од страна на службеничката Газиме во Центарот.

Рокот за поднесување на барањето е СУБЈЕКТИВЕН а не ОБЈЕКТИВЕН, што значи дека почнува да важи за секој барател различно т.е. од моментот на настанување на причините врз основ на кои тој бара помош. Односно, администрацијата на Центарот нема начин да знае дали некое барање е излишно без да ги разгледа документите, што во повеќето случаеви не било сторено.

Поради ова како и поучени од претходното искуство со институциите, оштетените оправдано се сомневаат на етничка дискриминација.