АктуелноЛокално

Наставниците против Неделков, се носи одлука без наше знаење

Свирежи и скандирање – „оставка, оставка“ се слушаа пред седиштето на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) каде дел од членството попладнево се собраа да искаже револт од одлуката на раководството да се стави штрајкот во мирување.

Дел од револтираните наставници побараа синдикалниот лидер да ги потенцира повеќе тие 18 отсто покачување на платата бидејќи, како што велат, тие не им се важни туку она што е основна причина за нивното незадоволство е непочитувањето на колективниот договор.

Тие бараат претседателот на СОНК, Јаким Неделков, да излезе пред нив и да објасни што значи денешната одлука за ставање на штрајкот во мирување и продолжување на наставата во основните и средните училишта од утре. Тврдат дека не биле консултирани и прашуваат чиј синдикален лидер е Неделков.

„Вечерва сме спонтано собрани, бидејќи сме изненадени од одлуката на нашиот синдикален лидер, Јаким Неделков, кој постојано нè консултираше и бараше од нас поддршка за одлуките што ги носи. Бидејќи самиот изјави колкав дел од синдикалните оргнизации се изјаснија дека штрајкот треба да продолжи, но денеска се ретерира од таа одлука. Се свикува состанок со Владата без знаење на членството и се носи нова одлука. Сето ова спонтано излезе и се собравме да изразиме револт. Тој е должен е да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката“,

изјави една од незадоволните членки на СОНК на вечерашниот протест.

Од изјавите на неколкуте незадоволни членки на СОНК не стана јасно дали, сепак, утре ќе држат настава во училиштата или не. Една од членките порача дека ако мора, би држеле настава и кажа дека и досега децата кои родители ги носеле во училиште биле прифаќани и била организирана настава од нивните колеги кои не се членови на СОНК и не штрајкуваат.

Протестот пред седиштето на СОНК следува само неколку часа по изјавата на Неделков дека Советот на СОНК ја донел одлука за мирување на штрајкот и продолжување на наставата во основните училишта од утре.

Превземено од: 360stepeni.mk