Има ли последици за граѓаните заради вдишувањето на димот од пожарот кај „Треска“
- Пишува Александар Панајотов, член на Левица – Зелен сектор.
На 14-ти и 15-ти овој месец, Скопје и скопјани беа сведоци на два последователни пожари на територијата на некогашната фабрика за мебел „Треска“.
Одненадеж, општините Центар и Карпош беа прекриени со густ црн чад што се крена над огнените јазици што пламтеа во објектите од таа локација. Велат горела пластика, остатоци од стар мебел, градежен материјал и разни други нешта што биле таму сместени. Над голема површина од градот со часови лебдеше густ, темен облак од чад што се развлече кон населбите Козле, Карпош и Нерези, а се чувствуваше и непријатен мирис на многу поголема територија на градот.
За среќа, голем број на пожарникари со нивните возила интензивно работеа на теренот. На еден од телевизиските канали им беше укажано на граѓаните да ги затворат своите прозорци. Но, изостана брзо и ефикасно предупредување на граѓаните во однос на последиците од вдишувањето на димот.
Нема да навлегуваме зошто избиле пожарите, постојат МВР, истражители и обвинители. Ќе се осврнеме на анализа којaшто официјалните градски власти ја се’ уште ја немаат направено.
Чадот настанат како резултат на пожарот е всушност голем број на цврсти и течни материи растурени во воздухот, коишто настанале како последица на целосно или нецелосно согорување на материите што гореле. Чадот содржи јаглероден моноксид, цијановодородна киселина и други штетни честички, како што се ПМ 2.5.
Сето ова при вдишување оди во белите дробови, а оттаму во севкупната крвна циркулација на човечкото тело и телата на животните. Загаденоста на воздухот е причина за срцеви и мозочни удари, хронична опструктивна болест и рак на белите дробови. Докажана е врската помеѓу загадениот воздух со појавата на низа невролошки болести, вклучувајќи ја и Алцјахмеровата болест. Под најголем ризик од загадувањето на воздухот се бремените жени, децата и хронично болните лица, како и возрасното население.
За проблемот да биде уште поголем, во текот на пожарот страдаа и постари објекти, па се поставува прашањето – дали во воздухот се зголемила концентрацијата на ситни честички од азбест, што порано се употребувал за зацврстување на бетонот? Попрецизно, азбестот се наоѓа во групата на материјали што стануваат опасни ако се оштетат деловите на градбите каде истиот е инкорпориран. Азбестните честички се крајно опасни ако луѓето ги вдишат.
Жално е што градските и државните власти не излегоа со брзи предупредувања во однос на можностите за како да се заштити населението од вдишувањето на овој штетен чад. За ова не се огласија ниту Министерот за здравство, ниту пак институциите задолжени за јавното здравје.
Лицемерен молк својствен за оваа гарнитура којашто одамна е оттуѓена од луѓето и од животната средина.
Дури една недела после огнената стихија, надлежните излегоа со генерален став дека пожарот во Треска не предизвикал загадување на воздухот и виновник најдоа кај сопствениците на овој напуштен објект кои навремено не го отстраниле ѓубрето од нивниот двор.