АктуелноЛокално

Рамазан во ерата на капитализмот – собиранки на богаташите во екстра луксузни простории и трпези!

„И дај му го на ближиниот твој она што му следува и на што право има, и на сиромашниот, и на патникот и не троши безмерно! Куран, 17/26

Во екот на економската криза, МАТТО организира луксузен ифтар за естаблишментот на македонската политика – Рамазан каде богатите се собираат на екстра-луксузните трпези и простории, а народот со кој владеат трпи за леб!

Македонско-турската стопанската комора (МАТТО) пред два дена одржа ифтар вечера во Скопје. На вечерата присуствуваа претставници на бизнис светот од државава како и владејачката елита од политиката. Тука беа спикерот Талат Џафери, вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Никола Тупанчески, министерот за финансии Фатмир Бесими, амбасадорот на Република Турција во Скопје Хасан Мехмет и многу други од иста или слична класа. 

Она што привлече внимание е тоа што во време на економска криза и тешки времиња за работниците, вечерата беше организирана во хотел со пет ѕвезди и екстра луксузна трпеза. Особено во време кога се предвидуваат мерки на штедење во владините програми и кога има дузина работнички штрајкови за зголемување на платите.  

Богатото мени за вечерата не остана незабележано. Подолу може да го видите ифтар менито на оваа бизнис-политичка елита. 

Додека работниците и обичниот народ мака мачат да преживеат во овие кризни времиња, луксузирањето на бизнисмените и политичкиот естаблишмент не е прифатлив по сите универзални етички правила и норми. Особено тоа е крајно лицемерно да се прави во муслиманскиот свет месец Рамазан, затоа што токму овој месец на пост е симбол за скромноста и солидарноста, и месец во кој трпезите треба да се отворат за оние кои најмногу страдаат по нив, за оние на кои им е најпотребно – за сиромашните.