Во Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Топанско поле се случува хорор
- Статус на Грета Парлиќ – вработена во Заводот за рехабилитација на деца и младинци
Почитувани,
Во Заводот за рехабилитација на деца и младинци- Топанско поле се случува ХОРОР!
Ова мое обраќање до вас, ќе го поделам во две поглавија:
1.МАЛТРЕТИРАЊЕ НА ИНТЕРНАТСКИТЕ КОРИСНИЦИ И ГРУПАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ КОИ ДИРЕКТНО РАБОТАТ СО НИВ
Повеќе од две години до ден денеска, вклучувајќи го периодот на најголемо дивеење на ковид, сите интернатски корисници се оставени на милост и немилост, како да се под казна,така што им е забранет влез во сите простории во интернатот.
Затоа, апсолутно сите интернатски корисници, немаат никаква просторија за престој.
Исто така на интернатските корисници им е забранет пристап и во тоалетите, така што вршат нужда на лице место, во трпезарија!
Имено, повеќе од две години, само и исклучиво трпезаријата им е отворена за престој!
Интернатските корисници две години седат и лежат (бидејќи има доста корисници кои се во таква состојба и имаат потреба да легнат), на подот во трпезарија, каде нема апсолутно никакви основни услови за живот и престој, само масички и детски столчиња и голи зидови.
Интернатските корисници престојуваат тука 24/7.
Со интернатските корисници работат одредена група на вработени кои се исто така во крајна немилост (меѓу кои и јас), бидејќи се присилени да работат во една просторија (трпезаријата) со сите интернатски корисници кои се во поголем број.
Немаат ни вработените кои работат со интернатските корисници никакви услови ,само голи зидови и детско столче и ставени на одговорност за сите интернатски корисници, во текот на сите денови.
Условите и за овие вработени се мизерни, ниту еден шкаф, ни пристап до тоалет, ни чешма, ни хигиенски средства, ни ништо, а средства за работа се мислена именка.
Згора на сѐ, само оваа група на вработени ги ставаат дежурни, по два, три викенди во месецот, како и на ноќни дежурства, а тие дежурства значат одговорност за животот на СИТЕ интернатски корисници.
Јас лично, доставував писмени молби за стопирање на оваа катастрофална состојба и малтретирање на корисниците, но до сега, без успех.
2. ОСТАНАТИ ПРОТИВЗАКОНСКИ ДЕЈСТВА ЛИЧНО КОН МЕНЕ, СО КОИ ПОВТОРНО СЕ ЗАГРОЗЕНИ И КОРИСНИЦИТЕ
Имено, во 2020 година, ми доставија ново Решение за работа во одделот за рана интервенција.
Овој оддел подразбира работа со деца со мала возраст кои би доаѓале на третман и би се враќале дома.
Но, повеќе од две години, мене ме ставаат на распоред за работа со интернатските корисници.
Ова е сосема несоодветно со моето Решение за работа. Ме ставаат и по два или три викенди месечно, да дежурам со сите интернатски корисници на работа, ме ставаат и на ноќни дежурства.
Сето ова се коси со моите работни задачи според моето Решение за работа.
А катастрофалните услови на интернатските корисници и вработени, веќе ги наведов.
Пред извесно време, една вработена, која имаше клучеви од интернатските простории, се сожали и се смилува, да дозволи пристап во само ЕДНА од занималните, за да овозможи понормални услови, за дел од интернатските корисници.
Во таа просторија ме одреди мене да работам.
Меѓутоа, две – три крајно привилегирани вработени, кои ги узурпираа сите интернатски простории, жестоко ѝ се нафрлија, не можеа да се помират, да не биде нивна и таа последна од сите интернатски простории.
А се работи за само една просторија, од околу 30 узурпирани простории, со што ги ускратуваат основните човекови права на сите интернатски корисници, нивниот живот, престој, достоинство.
Почнаа најсилни притисоци да ги избркаат заедно со мене, корисниците од просторијата.
Не бираа начин.
Со прскање отровни сретства во очи.
Со заглавување брава.
Со кршење на сите музички инструменти (јас сум професор по музика)
Клавирот го направија олупина. Ги снема и музичкиот систем и многу средства потребни за мојата работа. Со закани од директорот кој е под притисок на наведените привилегирани вработени (узурпаторките).
Јас тешко се разболев од овие притисоци и од страшните глетки на мизеријата што ја наведов.
А директорот, со писмено известување се ” пофали” дека, во мое отсуство кога не сум на работа, ќе ја обие насилно единствената просторија во која одвај издејствував пристап за интернатските корисници,за да им ја врати на наведените привилегирани вработени.
ЗНАЧИ, СЕ СЛУЧУВА ТОРТУРА,ТЕРОР, КРАЈНА ДИСКРИМИНАЦИЈА И НЕХУМАНОСТ, НАЈБЕСКРУПУЛОЗНО МАЛТРЕТИРАЊЕ
Ова што се случува, ги преминува сите човечки и морални граници.
Јас ќе одам до крај, само да се овозможи достоинствен живот за корисниците како и да се престане со газење врз основните права на дел од вработените.