АктуелноЛокално

Сложни калуѓери и во петок мрсат (а и оџата друштво им прави)

  • Реакција на Левица – Сектор Урбанизам и локална самоуправа

Иако деновиве топ теми во јавноста се надворешно политички, сепак не помина незабележан моментот како се приватизираше државно земјиште за само 7 евра за м2, во строгиот Центар на Скопје.

По стариот добар рецепт за крчмење на државен имот кој е тренд во последниве 30+ години, а особено по воведување на небулозата наречена „дооформување на урбанистичка парцела“, ЗСФ И Фатмир Етеми се стекнаа со сопственост на над 1900м2 земјиште кај Нова Македонија, за чија катност сеуште се мислат…

Самото земјиште пак, речиси 100 години е сопственост на државата, и тоа најпрвин на Југословенски Железници, за потоа преку кралство, па германска и бугарска окупација (или администрација), па се преку социјализам и транзиција, да слета во рацете на градежните донови. Честитаме на новите сопственици!

Е сега, да објасниме како и зошто може да се купува земјиште по багателни цени, како што беше и Холидеј Ин, Треска, сега и просторот спроти Нова Македонија и којзнае колку вакви „спијачи“ од парцели… Рецепт, зготвен и проверен во кујната на ВМРО и ДУИ 11 години, а потоа научен вкус и од страна на СДС, кои за 6 години не најдоа за сходно да го сузбијат. Чунки, сложни калуѓери и во петок мрсат…

Имено, законот ви дозволува, доколку „случајно“ се најдете во сопственост на над 30% од земјиште во рамките на една урбанистичка парцела (односно вашата катастарка парцела зазема поголем процент од дадениов), да бидете во поволна позиција да откупите државно земјиште по пат на директна спогодба, без јавно наддавање. Се што ви треба е процес на носење на нов ДУП во една општина, и секако пристап до планерот, кој за надокнада, или од општо човекољубие, ќе ви „учини“ и ќе ви „нацрта“ парцела или тн „маркица“ по ваша мерка, со површина, катност, % на изграденост и коефициент на искористеност во максимум на дозволеното, а можеби и над тоа. На ЗСФ и Фатмир Етеми ова не им е прв таков случај, пред две години така се стекнаа со право на имот под Германска амбасада, во Општина Карпош. Сличен случај беа и богоугодните плацеви кај Холидеј Ин, каде имаме здружување на духовното и световното, па МПЦ во пакет со приватни инвеститори се стекна со право на откуп.

Токму тоа и е рецептот по којшто и функционира тн „градежна мафија“, и зошто денационализацијата, легализацијата и приватизацијата се опасни играчки, маскирани под велот на некаква правичност. Со таквиот недефиниран имот, и со правите луѓе на челни места, по планерски куќи, општинските совети и на чело на општините, се е можно и само небото е граница.

Токму затоа во 2015 година законот за градење беше решето, кој се менуваше речиси на месечно ниво, а истото важеше и за правилниците за урбанистичко планирање, па сега имаме и целосно неускладени детални урбанистички планови.

Токму затоа најтешко се добива лиценца и овластување за урбанистичко панирање, затоа не постои министерство за урбанизам, туку ингеренциите за архитектура, урбанизам и просторно планирање се поделени на Министерство за транспорт и врски и Министерство за животна средина и просторно планирање.

Затоа и не постои веќе функцијата „Градски архитект“ и затоа нема јавни урбанистички конкурси, туку тендери за јавни набавки, каде основен услов е најниска цена за изработка на детален урбанистички план, па просторот се крои за 1 евро од хектар, затоа што планерот може да наплати и на друга адреса! Токму затоа е битно и кој седи и гласа во нашите општински совети!

Затоа е важно и коj ги носи нашите закони и коj гласа во законодавната власт и кој ги спроведува во извршната!

Конечно да се отргнеме од Пилатовото миење раце и познатата изрека „се е во согласност со законите“… За да немаме пак продажби за 7 евра за м2 и да не нѐ прават при очи слепи и при уши глуви!

Затоа е важно на кого ја даваме нашата доверба!