Бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година ја отвори Пандорината кутија

Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Целиот Западен свет и западните лидери тврдат дека руската инвазија врз Украина е првата голема војна во Европа после Втората Светска Војна, но истите тие забораваат дека во 1999 година, НАТО 78 дена безмилосно ја бомбардираше СР Југославија. Западот во своја одбрана тврди дека тогаш се работело за „Хуманитарна војна“ за да се спречи геноцидот против албанското население. Русија денес тврди дека спроведува на Украина Специјална воена операција, односно „Хуманитарна војна“ за да се спречи геноцидот против руското население. Последиците од бомбардирањето на СР Југославија беа 2 500 мртви, од кои 79 деца. Воено воздушните сили на НАТО извршија 58 574 борбени летови над СР Југославија, истрелани околу 50 000 ракети и бомби, односно 25 000 тони експлозив, срушени беа 60 мостови, уништени или оштетени 190 школи и 20 болници, уништени 300 фабрики, и 280 000 срби и друго население од Косово беше принудено да се исели.

Од 2014 година во Донбас беа убиени 14 000 рускојазични украинци, беа уништени повеќе од 20 000 домови и објекти, 2 милиона рускојазични украинци ја напуштија Украина, а ширум Украина повеќе од 100 000 рускојазични украинци поминаа низ специјалните затвори на Службата за безбедност на Украина. Многумина од нив никогаш и не излегоа од тие затвори и не ја видоа повторно светлината на денот. Колку и да се труди Западот да го релативизира бомбардирањето на СР Југославија од една страна, а од друга страна да ја обвинува Русија за инвазија на Украина, реалноста и фактите се други. Бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година ја отвори Пандорината кутија.

САД и НАТО денес со сите сили зборуваат и тврдат дека Русија го крши меѓународното право. Но во 1999 година САД и НАТО, без резолуција на Советот за Безбедност на ООН, и кршејќи го меѓународното право ја започнаа бруталната воена операција „Сојузничка сила“, или позната како „Милосрден ангел“ против СР Југославија. Инвазијата врз Ирак во 2003 година исто се случи без одлука на Советот за Безбедност на ООН, и со кршење на меѓународното право. Лицемерието и двојните стандарти на Западот на дело.

Пред операцијата, САД и НАТО спроведоа брилијантна медиумска подготовка и пропаганда, за да ја оправдаат операцијата „Сојузна сила“.  Според САД и НАТО целта на операцијата „Сојузна сила“ во 1999 година беше заштитата на албанското население на Косово од наводниот геноцид кој што му се заканувал од страна на СР Југославија. Но покрај таа цел, во позадина се криеја и другите, реални цели, а тие беа:

– уништување на СР Југославија како самостоен играч и фактор на Балканот

– распад на СР Југославија, и создавање на квази државата Косово

– порака до останатите држави во светот, пред се до Русија и Кина

– ставање на Балканот под воена контрола од страна на НАТО

– создавање на прецедент за користење на силите на НАТО надвор од зоната на одговорности на НАТО

– контрола над најголемите резерви во Европа на хром, цинк и обоени метали

НАТО околу СР Југославија за потребите на воената операција „Сојузна сила“ распореди 1089 борбени авиони, како и 57 воени бродови и подморници во Јадранското и Средоземното море. За таа цел беа користени заеднички воено-воздухопловни сили на НАТО, воено-поморски единици како и воени сателити на НАТО, но главната улога во операцијата ја имаше армијата на САД. За разлика од НАТО тогаш, Русија во воената операција во Украина користи околу 300 борбени авиони и околу 200 воени хеликоптери.

САД и НАТО во операцијата „Сојузна сила“ на пракса ја проверија стратегијата за безконтактна војна. Истата таа тактика денес Русија ја користи во Украина. НАТО 78 дена безмилосно ја бомбардираше малата СР Југославија во срцето на Европа, притоа користејќи цела палета на модерно оружје, крстаречки ракети, бомби, меѓу кои и касетни, како и бомби со осиромашен ураниум. Беа користени нови современи оружја како и средства за војување. За прв пат во толкав обем беше користено прецизно оружје (8 200 разни ракети и бомби, 35% од нив крстаречки ракети, и беа нанесени удари и уништени 498 објекти, од нив 55% воени објекти, а останатите цивилни објекти и инфраструктура.

Форми на воени дејствија кои што ги користеше НАТО против СР Југославија:

Воздушно офанзивни операции, со цел уништување во првата фаза на системите и центрите за противвоздушна одбрана, неутрализација на воената авијација, како и уништување на воените објекти и парализирање на војската на СР Југославија до тактичко ниво.

Воздушно офанзивната операција се состоеше од два масивни ракетни напади со крстаречки ракети и жестоки авионски бомбардирања, на 24-25-ти и 25-26-ти март 1999 година, како и систематски авионски бомбардирања во три фази, првиот од 24-ти до 27-ми март се однесуваше на уништување на воената инфраструктура на Косово и Метохија, втората фаза со по 150 борбени летови дневно од 27-ми март до 24-ти април се однесуваше на уништување на критичната воена и цивилна инфраструктура и објекти на територијата на цела СР Југославија, и третата фаза од 24-ти април до 10-ти јуни, со по 350 борбени летови дневно. Но и покрај огромниот број на борбени летови, САД и НАТО не успееја да ја уништат армијата на СР Југославија, како и да го скршат моралот и духот на војниците, офицерите и генералите.

Воздушно копнена операција, која што требаше да започне од територијата на Албанија со пробивање на линијата на фронтот на границата помеѓу СР Југославија и Албанија. Но и покрај воздушната поддршка, и бројчаната надмоќност, единиците на терористичката организација УЧК не успееја да ја пробијат линијата Паштрик – Кошара.

Операцијата „Сојузна сила“ во себе вклучуваше неколку особености, меѓу кои:

– достигнување на основната цел без користење на копнените единици, и за таа цел приоритет им беше даден на воено-воздушните сили на НАТО и  нападите од воздух, како и на воено-морските сили, преку нападите со крстаречки ракети.

– трикратно зголемување на бројот на борбени авиони користени во операцијата

Воената операција на НАТО против СР Југославија беше составен дел од новата стратегија на САД, која се состоеше во оправдување на военото присуство на САД во Европа, после распадот на Советскиот Сојуз. Покрај тоа, војната во Југославија им овозможи на САД да ги променат правилата на НАТО. НАТО од одбранбена организација се претвори во офанзивна, а неговата област на дејствување почна да се шири во секој потенцијален театар на операции во речиси секој регион во светот, колку и да е далеку од границите на НАТО. НАТО тогаш се обиде да го воведе концептот на „Хуманитарна војна“, иако е познато дека Обединетите нации не го признаваат овој концепт и го исклучија од своите статути.

САД и НАТО во 1999 година ја отворија Пандорината кутија со преседанот Косово, под предлогот „Хуманитарна војна“. Русија денес само го користи истото тоа сценарио кое што САД и НАТО го спроведоа во 1999 година. А во иднина ќе го користат и други големи светски сили, ширум светот. Светот не е повеќе униполарен, светот е мултиполарен, како што бил во најголем дел од својата историја и развој.