АктуелноИнтернационално

Максакова: Руските контра-санкции може да го дебалансираат пазарот на храна

Во рускиот извоз има голем број стоки без кои Западот не може нормално или воопшто да функционира. Санкциите преку кои се забранува одредени стоки да се увезуваат од Русија може да доведе до крајно негативни последици, пред се за европските земји – изјави за агенцијата „Прима“ Марија Максакова, вршител на должноста раководител на Одделот за меѓународни економски односи и надворешни економски односи на „Московскиот Државен Универзитет“.

Според Максакова доколку се конкретизира, евентуалното ограничување или забрана за извоз на ѓубрива може да го дебалансира не само европскиот, туку и светскиот пазар на храна, предизвикувајќи недостиг и пораст на цените на производите. Русија е еден од петте најголеми светски производители на ѓубрива, а две третини од нејзините производи се извезуваат.

Руските контра-санкции може да важат и за оние области кои сè уште не се погодени од западните ограничувања: никел, паладиум, алуминиум, други метали и стоки. Овие забрани сериозно би погодиле повеќе индустрии, а автомобилска индустрија во европа би пострадала најмногу.

„Русија сочинува околу 10-12% од светскиот извоз на никел, 13% од титаниум и 40% од паладиум. Забраната за извоз на паладиум може негативно да влијае на европската автомобилска индустрија, бидејќи металот се користи во катализаторите за чистење на издувните гасови. Забраната за извоз на никел и кобалт може да ги зголеми трошоците за производство на електрични возила“, вели Максакова.