Апасиев: Кон една сеопшта еманципација на народот

Не очајувај. За тебе зборува оваа приказна.

Организирај се. Не потклекнувај. Приклучи се.

Најдобрите денови се оние кои сè уште не сме ги проживеале!


Левица е свежа, атипична и автентична партија, која е вистинско проветрување на нашата неинвентивна политичка сцена. Составена е од образовани, неискомпромитирани, идеолошки потковани и храбри, претежно млади луѓе, кои беа први на улиците во борбата против груевизмот, а подоцна покажаа и како се дава жесток бојкотирачки Отпор против илегалната промена на нашето уставно име. Ние, иако млади, имаме долгогодишна пракса на практикување разни креативни методи и форми на политички активизам – преку социјалните медиуми, но и преку макотрпна теренска работа низ неколку левичарски здруженија, синдикати, протестни движења, неформални групи и граѓански иницијативи. 

Левица е атипична и автентична партија

Идејата за Левица се роди во 2015 година, кога видовме дека ен-џи-о активизмот, кој го практикувавме преку „Ленка“, не вродува со плод. Кога видовме дека без долгорочни планови за освојување на власта – џабе се трошиме, без да донесеме никаква реална промена во општеството. Ете, затоа Левица, по многу нешта, е поразлична од сите други вообичаени партии кај нас. 

Нашите членови, кои се вистински деца на транзицијата и кои во голем број и самите потекнуваат од работнички и земјоделски семејства, искрено веруваат во идеалите за кои се борат! Тие, и покрај секојдневните егзистенцијални ризици на кои се изложени – со срце, пркос и борбеност – покажуваат како треба да се даде лична жртва за општото добро во кое веруваат. Токму затоа што имаме што да кажеме и да понудиме, одлучно и непоколебливо продолжуваме понатаму. Без страв, со голема посветеност и со разумен оптимизам веруваме дека на овие значајни избори, заедно со вас, ќе се избориме за една подобра и просперитетна држава. 

Ова не се обични избори!

Реалноста пред претстојните предвремени парламентарни Избори 2020, паѓа во сенката на една од најдлабоките општествени, економски, политички, правни и национално-идентитетски кризи од осамостојувањето на Републиката! Ваквата тажна македонска реалност, од една страна, е дериват на суровата антинародна транзиција, проследена со социјална нестабилност, сиромаштија и бесперспективност; a, од друга страна, таа е резултат на некредибилните државни институции и на неодговорните јавни функционери, кои се олицетворение на една криминална владејачка класа – која безмилосно стреми кон тоа целосно да ги приватизира заедничките добра, притоа штитејќи сè со огромни законски привилегии и имунитети.

Околностите во кои се наоѓаме не можат да се подобрат преку благи реформи. Тие бараат брза и одлучна политичка акција за конечен пад на овој хибриден режим и ослободување на Македонија од канџите на заевизмот. Секој сериозен и прогресивен човек има граѓанска должност да придонесе во борбата за слобода од мафијата, внатрешните квислинзи и домашниот окупатор! Ако сакаме подобра иднина на нашите потомци, не смееме да правиме компромиси со АСНОМ-ските идеали за кои гинеа нашите предци. Ова е последната историска шанса на нашата генерација – да ставиме крај на бипартизмот и на „изборот“ помеѓу две зла и, конечно, да го избереме Доброто.

Левица не простува!

На овој општонароден плебисцит од историско значење за судбината на нашата Република, ти можеш конечно да ставиш крај на ова лудило! Давајќи го гласот за Левица, за прв пат, гласаш за една сосема нова Македонија од која децата нема да сакаат да бегаат, туку во која ќе сакаат да останат; за една Македонија во која законите ќе важат за сите, а правдата ќе го стигне секого; за Македонија ослободена од стегите на корумпираните политичари, олигарсите и транзициските профитери. Оти, Левица не простува, Левица не заборава!

Со твоја помош, искрено веруваме дека преку нашите пратеници, како идни предлагачи на добри и правични закони во Собранието на Република Македонија, можеме да се избориме за целосна стабилизација на оваа ненормална состојба во која сме принудени да преживуваме, а не да живееме; дека можеме, за релативно кратко време, да ставиме ред во безредието и закони во беззаконието. Затоа, на овие судбоносни избори за нашата иднина, Левица приципиелно не коалицира со никого и ќе настапи самостојно на денот на гласањето. Убедени сме дека овојпат ќе станеме парламентарна партија без која нема да може да се формира идната Влада! На тој начин ќе овозможиме, од собраниската говорница, за прв пат по осамостојувањето вистински да се чуе гласот на безгласните – гласот на работниците, гласот на невработените, гласот на стечајците, гласот на хонорарците, гласот на синдикалците, гласот на активистите за човекови права, гласот на сиромашните, гласот на ограбените, гласот на обесправените, гласот на маргинализираните – со еден збор гласот на обичниот човек кој секојдневно се бори за гола егзистенција, додека мала група луѓе се богатат од нашата мака. 

Ни требаат радикални промени на подобро

Ние знаеме дека патот по кој одиме ќе биде долг и макотрпен. Но, решивме да го направиме првиот чекор! Од нашето искуство сфативме дека благите реформи кои ни се случуваат не се доволни. Дека тие се само вакцина за болново општество. Затоа, во нашата Изборна програма 2020, која е правена од професионалци и врвни експерти во секоја област, ќе најдете остварливи, реални, но радикални мерки кои ги предлагаме и самите ќе увидите дека таа е своевиден длабински зафат за интервенција во сите пори на заедничкото живеење – со цел осмислено градење на едно похумано, посолидарно и подобро општество.

Затоа, на нашата бајата политичка сцена составена од просечни лидери, подмитливи функционери и неспособни кариеристи кои се навикнати на поданички менталитет и клиентелизам – ние воведуваме сосем нов, искрен и автентичен политички дискурс; сосема нова политичка култура на комуникација, дебата и аргументација; и сосема нов систем на политички вредности насочени кон заштита на општото добро и јавниот интерес.

Ете затоа сметаме на Тебе, оти длабоко во себе, знаеш дека никогаш нема да се продадеме и никогаш нема да Те изневериме… 

Борбата продолжува

Со нови сили, на различни фронтови.

Подобар свет е неопходен. 

Подобар свет е можен.

Ќе победиме!

проф. д-р Димитар Апасиев