Замисли да си студент во Македонија

  • Пишува Марио Јанески – Претседател на Црвена Младина.

Замисли имаш 18 години. Штотуку си завршил средно образование и треба да продолжиш со студии на некој универзитет. Потекнуваш од семејство на работници кои работат за минималец или за нешто малку повеќе од минималец. Факултетот на кој што сакаш да студираш се наоѓа во друг град, благодарение на умешната високообразовна политика. 

Замисли дека плаќаш повратен билет до Скопје кој чини колку дневницата на твоите родители, се запишуваш на факултетот, амбициозен, иако условите и околностите се безнадежни. Знаеш дека од околу 22.000 студенти на УКИМ, само 3065 се сместени во капацитетите на државните студентски домови кои за време на пандемијава се преполовени. Знаеш и дека распределбата не е 100% фер. Меѓутоа имаш соништа и не се откажуваш. Бараш цимери и стан како и скоро секој твој врсник. Не знаеш како ќе ја платиш киријата и режиските трошоци, меѓутоа свесно се впушташ во предизвиците. Ако успееш да најдиш „поволен” стан во најдобар случај колку за преживување потребен би ти бил еден минималец месечно. 


Замисли дека започнуваш со студиите, а родителите ни самите не знаат како ќе го поминат месецот, но родители се, ќе направат се’ за своето дете. Тука си пречекан со партиципација од 200 евра годишно во државна квота и околу 400 евра годишно во приватна квота. Само за споредба, во Словенија студентите плаќаат 25 евра годишно. Да, Словенија. Па нели тежнееме кон Европска Унија? Нејсе. Молчиш и трпиш. Затоа што ако се побуниш можеш да им бидеш прст во око на професорите, а тие се заштитени како бели мечки. Факултетските собранија и онака со години се парализирани.

„Одозгора на тога“ (што би рекол еден наш поранешен премиер), се надоврзуваат трошоци за книги, неопходни материјали за студиите, фамозните пријави за испити итн…

Замисли дека од бенефитите кои ти ги дава државата е студентската стипендија која се движи најчесто од 3.300 до 4.300 денари месечно, сума што не е за потценување но еден од условите за да ја примаш е да не си во работен однос. Меѓутоа за да продолжиш со студиите мораш да работиш, оти родителите твои не можат да си дозволат да ги покријат основните трошоци. Па соочен си да бираш дали ќе работиш или ќе ја земаш стипендијата која сама по себе не покрива ни 20% од трошоците за „преживување”.

Во меѓувреме замисли, доаѓа некоја нова Влада, со нов состав во Собранието и одлучува да го укини бесплатниот превоз со воз за студенти и средношколци, а истовремено одбива да се откаже од своите патни трошоци. Затоа што младите им се приоритет, зар не?

За цела среќа, во таа збирштина од безрбетници има и некои пратеници од Левица кои еве на пример понудија зголемување на субвенционираниот студентски оброк за студентите кој беше одбиен да се стави на дневен ред, а во меѓувреме нудат и останати социјални политики, решенија, предлози и закони за подобрување на студентскиот стандард, меѓутоа за жал останатите пратеници се заглавени низ патиштата во „Нашата Земја”, менувајќи летни гуми, па немаат време да се позанимаваат со проблемите на студентите. 

Замисли дека продолжуваш со студиите, преживуваш. Едвај ги врвиш месеците. Станбеното прашање е една мисловна именка, социјалиот живот ти е сведен на „facebook“ и „Instagram“, затоа што штедиш за книги. Некаде во текот на студиите забележуваш дека всушност владее огромна корупција и непотизам во високообразовните институции. Професорите те уценуваат, студентските тела се неми. Разочаран си максимално. Знаеш и покрај тоа што си на крајот од студиите, дека можеби нема да успееш да си го најдеш своето адекватно место откако ќе дипломираш.

Замисли како ги гледаш твоите другари и другарки заминуваат во странство, меѓутоа ти сакаш да останеш овде, да создаваш, да креираш, да придонесуваш. Исто така замисли дека ги гледаш децата на функционерите, криминалците како студираат на најпрестижните универзитети во светот со твоите пари, со трудот на твоите родители, како возат скапи автомобили кои вредат стотици илјади евра и се шетаат по луксузни светски дестинации, додека ти размислуваш како да продолжиш со студии…

Само замисли, да си ти на ова место, што би направил? 


Јас би се борел, затоа што борбата е доблест на храбрите, а ти?