Додека текстилните работнички се предмет на експлоатација трудовиот инспекторат ги заштитува работодавачите
- Реакција на Левица – ЛО Свети Николе.
По пријава од страна на текстилни работнички од Свети Николе за нарушување на работничките, а со тоа и основните човекови и егзистенционални права, ЛО – Левица во текот на минатиот месец поднесе иницијативи за вонреден инспекциски надзор.
Иако беа пријавени задоцнети плати, неплатени прекувремени работни часови, работнички кои „работат на црно“, работење под клуч, неисплаќање на минималната плата и разни видови на притисок и мобинг од страна на работодавачите кон работничките, трудовиот инспекторат по извршениот увид не успеа да констатира речиси никаков прекршок.
За неисплаќањето на К-15, трудовиот инспекторат констатираше дека фирмите немаат можност да извршат исплата на оваа обврска, додека за едвај констатираните прекршоци, наместо со казна, работодавачите добија само опомена.
Години наназад, како во Свети Николе, така и насекаде во Македонија, работничките се предмет на експлоатација, особено во текстилната индустрија! Трудовите инспекторати наместо да ги заштитат нивните права, тие се шиткаат за ручек „почестен“ од работодавачите.
Левица, ги охрабрува сите работници кои сметаат дека нивните права се нарушени, активно и без страв да ги пријавуваат работодавачите и да ги користат сите алатки во борбата за своите права. Премолчувањето на неправдата само ќе продолжи да ја влошува положбата на работниците. Законски измени и нивна примена во пракса, која ги заштитува правата на работниците е неопходна!