АктуелноЛокалноСтав

Извршувањето на државната функција треба да биде чест, а не основа за аморално и противуставно богатење

Пишува Новица Ристески, член на Централниот Комитет и Координаторот на правниот сектор на Левица.


Ако општествено – политичките околности не придонесуваат збирно, истите да создаваат и продуцираат право, кое што се стреми кон правда, тогаш останува на поединците, преку сопственото индивидуално морално однесување и убедување, да го сторат истото. На тој начин, постепено се јакне и колективната свест, но истовремено, тоа е и показател најпрво на моменталната состојба во која се наоѓа поединецот во рамките на колективот, а потоа и на колективот во целина.

Во таа насока, кога е во прашање правото кое продуцира нееднаков третман на правата на граѓаните и врши дополнителна општествена раслоеност по однос на социјалната и општествената положба, т.е. право кое аморално продуцира повластена положба на одредени поединци поради нивната социо-општествена положба, тогаш дефинитвно може да зборуваме за притаен сегрегаторски и нетолерантен однос во форма на дискриминација со демократски речник.

Во тој правец е и т.н. право на апанажа, кое постојното законодавство го предвидува за функционерите како право на паричен надоместок-плата, која на истите им следува по завршување на функцијата, ни помалку ни повеќе, само заради тоа што извршувале државна функција.

Без разлика на остварувањата и придонесот на функционерот во рамки на државните дејствувања, по само 2 години извршување на функцијата, истиот се здобива со право на плата во период од 12 месеци, во висина од 100% од платата која ја примал додека ја извршувал функцијата. Споредено со обичните работници во државава, кои се опфатени и на кои се однесува Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, овие лица мора да исполнуваат таксативно наведени услови и не смеат самите да си дадат отказ или да добијат отказ поради своја вина, за да добијат месечен паричен надоместок за време на невработеност, ограничен на 50% од нивната плата, и дополнително тој надоместок им следува за пократок временски период од функционерот.

Тука се поставува прашањето, дали функционерите ќе го стават колективниот интерес пред сопствениот интерес и дали колективот ќе дозволи моралниот компас на поединецот да биде нужно определен од неговиот статус во општеството?! Тој момент е фазата во која се согледува степенот на развој на моралот и виситинскиот образовен капацитет на поединецот и општата колективна свест.

Дејствувањето на државните функционери во насока на користење на апанажата, но и самото негово законско постоење е противуставно, спротивно на членот 9 од Уставот на Република Македонија, со кој изрично се забранува дискриминација по секаков основ. Оваа уставна одредба и Уставот во целина треба да биде највисок водич за правилно постапување и создавање на праведно право.

Доколку овој коректив не се почитува или вешто се изигрува, секое понатака создадено право ќе биде обичен текст на хартија која ќе има изразит аморален карактер и ќе служи за времено задоволување на потребите на елитата на власт. Тука е моментот кога доаѓа во прашање колективот и неговото дејствување т.е. дали иситот ќе покаже високо развиена свест.

Левица, повторно се покажа како единствена политичка партија која работи во насока на задоволување на интересите на сите граѓани во државата, го препозна тој момент, додека останатите решаваат како полесно и побрзо да се изведе решение за оние кои поднеле барање за апанажа, истото да им биде одобрено, иако не се исполнети законските претпоставки. Од наведените причини, партијата, ја увиде потребата од носење на закон со кој ќе се скрати правото на користење на апанажа за сите пратеници во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти, Претседателот и Владата, најпрво заради излегување во пресрет на одбегнување на понеповолната положба на обичниот граѓанин/работник, а потоа и потребата од целосно исполнување и почитување на уставното начело на забрана на секаков вид дискриминација на граѓаните по основ на социјално потекло, имотна и општествена положба и сето тоа во насока на доследно почитување на владеењето на правото, предвидено како темелена вредност на уставниот поредок во членот 8 од Уставот.

Дополнително, со предложениот закон се обезбедува користење на средства во државниот буџет, во момент на економска, енергетска, здравствена и финансиска ситуација во време на прогласена кризна состојба.