Заев со 23 советници, просечната плата 55.000 денари

Објавени се нето-платите на вработените во канцеларијата на премиерот Зоран Заев, како и на надворешните соработници.

Засега, на листата објавени се платите само за 23 вработени советници во канцеларијата кај премиерот, а со највисока плата е поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој како советник за национална безбедност добива 74.618 денари нето плата. По него следат Виктор Андонов – советник за енергетика и Милан Живковиќ-советник за труд и социјална политика со нето плата од 60.546 денари. Милан Живковиќ во минатото беше директор на канцеларијата во Скопје на германската фондација „Фридрих Еберт“. Останатите вработени добиваат 55.268 денари.

Кај надворешните соработници се формира нова листа, бидејќи на претходните им истече важноста договорот во 2019 и 2020. Засега има само четворица, а најплатена е Нина Фити-Неделковска со 50.000 денари нето приход, која е ќерка на академикот Таки Фити. На листата на надворешни соработници се наоѓа и Татјана Стојаноска Иванова, сопруга на новинарот Мишко Иванов.

Надворешни соработници

Покрај советниците, во листата на вработените во кабинетот на Заев се наведени и останатите позиции. Марија Јанева е шефица на неговиот кабинет, а нејзина заменичка е Весна Марашевиќ. За овие и за останатите позиции, како што се државни советници, раководители и заменик-раководители, во објавениот документ не се наведени платите. Комплетната листа може да се погледне ТУКА.

Јавноста бурно реагираше на овие трошења за администрација, со оглед на најавените редуцирања на инвестициите во образованието, здравството и екологијата поради кризата.